Отворено писмо за книга за Црногорците во Македонија

770

Зекир Рамчиловиќ, пратеник, Здружение за обединување на Бошњаците во Македонија „АВАЗ“, Здружение за култура, заеднички вредности и одржлив развој „ДИВАН“, реагираат до Здружението Црногорска заедница во Република Македонија за, како што велат, изнесени невистини во дел од книгата „Црногорци у Републици Македонији“.

Отвореното писмо го пренесуваме во целост:

„Со оваа реакција и отворено писмо до Здружението Црногорската заедница во Република Македонија и јавноста сакаме да ја изразиме нашата загриженост и згрозеност од изнесените невистини во дел од книгата “Црногорци у Републици Македонији” од авторот Миле Данилов Миќуновиќ издадена од Црногорската заедница во Република Македонија.

Авторот и издавачот на најгруб можен начин преку пишаниот збор и “науката” прават
злоупотреба на Бошњачкиот народ во Република Македонија. Во нивната книга најголем дел од Бошњаците кои во текот на минатото се населиле во Република Македонија, а се по потекло од делот на Санџак кој се наоѓа во Црна Гора се ословени како Црногорци. Во книгата има списоци на Бошњаци по населени места, според авторот “списоци на Црногорци кои можевме да ги регистрираме”.

Авторот и Црногорската заедница во Република Македонија мора да разберат неколку работи:

– Бошњаците се уставотворен народ во Република Македонија;
– Бошњаците без оглед на нивното потекло и место на живеење се Бошњаци и се дел од единственото бошњачко ткиво;

– Бошњаците на последните пописи јасно и недвосмислено ја искажаа својата национална припадност, а во дел од посочените населени места на последниот попис нема ниту едно лице кое се изјаснило како Црногорец;

– Бошњаците од денешниот регион Санџак, се свесни за своето историско минато,
повеќевековно минато во кое биле дел од Кралството Босна, од Вилает Босна како дел од Османлиската Империја, но ја почитуваат реалноста која се темели на Берлинскиот Конгрес и пред се на Балканските војни кога Санџак е поделен помеѓу Србија и Црна Гора;

– Бошњаците кои живеат во Црна Гора, истата ја признаваат и препознаваат како своја татковина;

Авторот и издавачот мора да разберат и да ги разграничат поимите за националност и
државјанство, и да не ги изедначуваат поимите потекло и нација. Тоа што некој е роден или е по потекло од Црна Гора не значи дека е Црногорец. Затоа го повикуваме Здружението Црногорска заедница на Република Македонија да престане да го злоупотребува потеклото на дел од Бошњаците за свои лични интереси, како што тоа е направено и со книгата.

Го повикуваме Здружението Црногорска заедница на Република Македонија доколку има искрени намери да гради пријателство со Бошњаците во Република Македонија јавно да се огради од ставовите изнесени во книгата.

Во спротивно истите ќе ги доведат во прашање добрите односи помеѓу двата народа не само во Република Македонија, туку и во Црна Гора и поширокиот регион“, се вели во реакцијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...