Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

74

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје од денеска до петок, 15 ноември, ќе ги организира четвртите Отворени денови. Целта е да се отворат вратите на Институтот за сите вљубеници и почитувачи на македонскиот јазик.

Манифестацијата ќе биде отворена денеска во 11 часот во амфитеатарот на Институтот, а потоа ќе бидат промовирани четири најнови институтски изданија.

Тоа се списанијата „Македонски јазик“ за 2018 година и „Македонистика“ од минатата година, бр.17, и две книги произлезени од докторски дисертации – „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“ од проф. д-р Весна Костовска и „Јазикот на првите преводи на Новиот завет на современ македонски јазик напишан со грчко писмо“ од доц. д-р Борче Арсов.

Вториот ден е посветен на професорите македонисти: Кирил Конески, Мито Аргировски, Ѓорѓи Ѓоргиевски. Ќе има беседи и за починатите професори Олга Иванова, Лилјана Минова – Ѓуркова, Љупчо Митревски, Аритон Поповски и Убавка Гајдова. Вториот дел од денот е посветен на подмладокот, на иднината на македонистиката.

Во рамки на манифестацијата ќе биде претставена наставната дејност на Институтот.  Ќе биде отворена спомен-собата на Крсте Мисирков, која се наоѓа на приземјето на Институтот. Сите посетители ќе можат да се запознаат со животот на Мисирков, да погледнат факсимили, оригинални документи поврзани со животот и дејноста на овој наш културен деец.

Централно место во рамки на Отворените денови е меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања“, што ќе се одржува на 13 и 14 ноември во просториите на Институтот за македонски јазик.

За годинашнава тема на конференцијата пројавиле интерес над 60 учесници од осум земји. Покрај учесници од нашата земја, ќе има од Босна и Херцеговина, Полска, Русија, Србија, Турција, Хрватска и САД. Во рамки на конференцијата ќе бидат промовирани повеќе зборници.

Петтиот ден од манифестацијата е предвиден за посета на Кратово и разгледување на манастирите од тој крај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...