Отворена можност бизнисмените да соработуваат со колеги од Кипар, Бугарија, Грција и Албанија

Со имплементација на проектот корист ќе имаат локалните заедници, ќе се обезбедат поквалитетни понуди за нови вработувања и ќе се воспостават нови деловни партнерства.

71

Компании од Бугарија, Кипар, Грција и Албанија, се заинтересирани за деловна соработка со македонски компании. Денеска на бизнис форум во Битола организиран од Гаус Институт-Битола во соработка со Регионалната стопанска комора – Битола, ги промовираа своите потенцијали и се очекува востпоставување директна соработка.

Гаус Институт-Битола во соработка со Регионална стопанска комора-Битола, на меѓународен бизнис форум што денеска се одржа во овој град промовираа иновативен проект во функција на околу 1.200 компании од Кипар, Бугарија, Грција и од Албанија.

– Компании од Бугарија, Кипар, Грција и Албанија, се заинтересирани за деловна соработка со македонски компании, и затоа тие денес се претставија пред битолската деловна јавност. Фирмите гости се од различни области, ИТ индустрија, земјоделство и индустрија за храна, преработувачка индустрија, пакување, деловни услуги и инвестиции. Овој настан е одлична можност директно да се анализираат силните и слабите страни, можностите и заканите за деловна соработка во регионот, Балканот и Медитеранот – изјави Игор Неделковски, основач на Гаус Институт-Битола.

Според Николас Јордану, претставник на Регионалната стопанска комора во Лимасол-Кипар, проектот поддржан од ЕУ ќе овозможи дополнителна вредност на бизнисот кај државите учеснички во овој проект.

– Сакаме да ја продлабочиме соработката со битолските компании. Тука во Битола имаме застапници на индустријата за храна кои се подготвени за соработка и настап на заеднички пазари. Сакаме заеднички да работиме за да имаме европска поддршка – нагласи гостинот од Кипар Јордану.

На бизнис форумот во Битола е промовиран проект во функција на околу 1.200 компании од Кипар, Бугарија, Грција и од Албанија. Со имплементација на проектот корист ќе имаат локалните заедници, ќе се обезбедат поквалитетни понуди за нови вработувања и ќе се воспостават нови деловни партнерства.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...