Самостојна изложба на ликовниот уметник Велимир Жерновски насловена „Отаде црнилото“ ќе биде отворена во петок, 1-ви јуни, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје.
Изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето.
Но, Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се толку црни“ дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за други светови?
Ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата „Отаде црнилото“, изложба што, освен од видео инсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината. Позадината на која тоа се случува е ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп Џејмс Веб, „најмоќниот времеплов“ што според НАСА, ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум.
Но, од него не се очекува само да го продлабочи нашето познавање на настанокот на вселената туку, според предвидувањата, тој би можел да биде и првиот телескоп што би „исцртал“ нови вселенски карти на кои би биле означени и сите планети кои еден ден, потенцијално, човекот би можел да ги насели. „Значи, како што вели Стивен Хокинг, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез“, констатира ликовната критичарка Љиљана Неделковска.
Велимир Жерновски работи цртежи, видеа, инсталации, интервенции во јавен простор и сценографии преку кои ги истражува поимите поврзани со популарната култура. Жерновски досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и САД.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 1 јули 2018.