Неколку министри во британската Влада денеска поднесоа оставки во знак на протест поради договорот на премиерката Тереза Меј со Брисел за излезот на Велика Британија од Европската унија.
Прв оставка поднесе британскиот министер за Брегзит Доминик Рааб, истакнувајќи дека „не може со чиста совест да го поддржи“ нацрт-договорот за Брегзит со ЕУ.
– Пред сè, не можам да ги споредам условите во предложениот договор со ветувањата што ги дадовме на земјата во нашиот проглас на последните избори – истакна Рааб во писмото со оставката.
Во рок од неколку часа оставки поднесоа и министерката за труд и пензии Естер Меквеј, пратеничката во владејачката Конзервативна партија и помошничка на министерот за образовние Ан-Мари Тревелијан, државната министерка во Министерството за Брегзит Суела Брејвермен и британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара.
Ситре своите оставки ги образложија со незадоволство и загриженост поради нацрт-договорот на Меј за Брегзит.
Политичките аналитичари на Би-Би-Си коментираат дека оставките вршат притисок и врз другите членови на Кабинетот да се повлечат, со што се зголемува можноста за „домино ефект“ кој би можел да заврши и со распаѓање на Владата.
Европската комисија и Велика Британија вчера постигнаа договор за условите на Членот 50 кој се однесува на Договорот за повлекување, соопшти Европската комисија.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска најави дека во недела на 25 ноември ќе биде одржан вонреден самит на Европската унија на кој ќе биде финализиран и формализиран договорот за излез на Велика Британија од Унијата.
ФОТО: EPA /FACUNDO ARRIZABALAGA