Османи: Македонија станува топ дестинација за европските компании

101

Македонија и Шведска имаат исклучително позитивни и пријателски политички односи, што претставува широк потенцијал за соработка и на двете економии. Ова го истакнал вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на средбата со Карл Јохан Хедберг и Един Чолак, претставници на „Бизнис Шведска“, чија улога е да ги истражат и промовираат бизнис потенцијалите за шведските компании.

Kако што информира Секретаријатот за европски прашања, Османи на средбата посочил на активностите на шведската држава, како во напредокот на европските и евроатлантските интеграции на земјата, така и на директната билатерална помош што Шведска ја обезбедува за Македонија.

– Македонија се наоѓа на почеток од последната фаза за полноправно членство во Европскта унијата – објаснувачкиот скрининг пред почетокот на преговорите, што значи и целосна синхронизација на нашата економија и општество со она на Унијата – нагласил Османи.

Според него, следниот период е најдобра бизнис можност за директни странски инвестиции, со оглед на политичкиот, институционалниот и општествениот напредок кој државата го очекува.

„Бизнис Шведска“ (Business Sweden) претставува партнерска институција на Владата и шведскиот бизнис сектор, чија улога е да обезбеди потенцијал за економска и бизнис размена на шведската економија, да ги утврди и промовира бизнис и економските можности за соработка и да обезбеди пристап на шведските компаниите до странските пазари и можности за инвестирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...