На американската актерка Шенон Доерти (48), најпозната по улогата на Бренда Волш во серијата „Беверли хилс“, ракот на дојка ѝ бил дијагностициран во 2015 година.
Тогаш се излекувала, но лани ѝ се вратил ракот, а неодамна изјавила и дека болеста е во четвртиот стадиум.
На таа изјава реагирала компанијата за осигурување, „Стејт фарма“, која заклучила дека актерката се служи со болеста за да предизвика сожалување. Од осигурителната компанија тврдат дека тоа би ѝ помогнало во судскиот спор.
Во март лани Шенон ја тужела компанијата бидејќи не ѝ го исплатиле целиот износ за поправање на нејзината куќа, која е оштетена во текот на пожарот во Калифорнија во 2018 година. Нејзините адвокати тврдат дека морала од свој џеб да ги плати поправките кои инаку би требало да ги покрие осигурувањето и дека ова судење ѝ предизвикува дополнителен стрес за време на тешката болест.
– Шенон Доерти умира од рак кој е во четвртата фаза. Наместо своите последни години да ги проживее во мир во својот дом, таа мора на суд да се бори со осигурителната компанија – пишуваат странските медиуми.
Компанијата досега ѝ исплатила 1,1 милион долари, а Шенон тврди дека трошоците на комплетната поправка изнесуваат речиси четири милиони долари. Сепак, ѝ напишале дека сочувствуваат со неа и дека сакаат целосно да оздрави.
– Сигурни сме дека ги исполнивме своите обврски кон неа и ѝ плативме сè што ѝ должевме. Тоа сме подготвени да го браниме на суд – изјавил Севаг Саркисиан, портпаролот на компанијата „Стејт фарма“.