Сите млади што имаат идеја за социјален бизнис можат да ја аплицираат до 8 мај 2018 година, вторник (на полноќ) како дел од овогодишната Награда за социјално претприемништво „Social Impact Award 2018“!
Конкурсот е отворен онлајн на веб-страницата socialimpactaward.mk. Можностите што ги нуди програмата се многубројни, од финансиски награди (три тима добиваат по 2.000 евра од Шпаркасе банка Македонија), менторска помош и поддршка, патување на Интернационалниот самит во Грузија, можности за вмрежување, растење и учење.
– Се надеваме дека младите навистина ја препознаваат важноста од водењето сопствен бизнис на етички начин, создавајќи позитивно општествено влијание. Нашата банка е партнер на младите креативни и иновативни умови, па затоа ги поттикнуваме сите заинтересирани да ја искористат оваа можност – изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за микроклиенти во Шпаркасе Банка Македонија на вчерашниот настан „Запознавање со жирито“ што се одржа во „Јавна соба“ – Скопје.
На настанот сите присутни имаа можност да ги споделат своите идеи со членовите на жирито и да добијат конструктивни коментари за својата идеја, која потоа можат да ја пријават на Social Impact Award 2018.
– Social Impact Award беше можеби едно од најубавите искуства за мене како млад човек и социјален иноватор и тоа му го препорачувам на секој млад човек, кој има желба, визија, знаење и мисија да креира подобро општество за себе и за идните генерации. Целата програма од почеток до крај беше одлично организирана и корисна, а финансиската поддршка е само награда за тоа дека сите овие месеци сме растеле и сме созреале доволно за да продолжиме понатаму сами да креираме успеси и промени, што приватно, што професионално – истакна Илина Вељановска,
Таа со својата платформа „Создади победи“ на ланската Награда за социјално претприемништво, а со присутните на настанот ги споделуваше своите искуства, знаења и вештини стекнати во рамките на целокупната едукативна програма.
-Конкурсот годинава го затвораме на 8 мај (вторник) на полноќ. Потоа ги избираме најдобрите идеи, кои во текот на летото минуваат низ инкубација и добиваат менторски часови. Три од победничките идеи добиваат финансиска поддршка, а за четвртата награда од заедницата е предвидена менторска поддршка и сметководствени услуги. Целиот циклус завршува на почетокот на ноември кога победниците имаат можност да учествуваат на интернационалниот самит, кој годинава ќе се одржи во Грузија – појасни националната координаторка на програмата, Марија Матовска.
Иницијатор на наградата што се доделува четврта година по ред е Social Impact Lab во соработка со организацијата Младиинфо, Пакомак, Фонд за иновации и технолошки развој и Конто профит. Поддршката и оваа година е обезбедена од Шпаркасе Банка Македонија, која е верен соработник во мисијата за подобро општество.
Повеќе информации можете да добиете на веб-страницата www.socialimpactaward.mk.