Освен во Белград, Србите се кренаа на протест и во Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Пожега…..

3504

И покрај снегот и ниските температури, во Белград и оваа сабота се одржа нов голем масовен протест, без партиски обележја, против насилството под слоганите „Еден од петте милиони“ и „Стоп на крвавите кошули“.

Колоната на граѓани кои протестираа што беше долга речиси еден километар се движеше низ белградските улици, по познатата маршрута од Студенсткиот плоштад, преку Теразија и булеварот на Кнез Милош до плоштадот Славија.

Пред почетокот на протестот на граѓаните им се обратија актерите Бранислав Трифуновиќ и Радослав Рале Миленковиќ.

Трифуновиќ на собирот ги презентираше досегашните барања на граѓаните идодаде уште едно барање, до генералниот директор на Јавниот сервис РТС Драган Бујошевиќ, од кого со  јавното писмо побара да се повлече од тоа место, кое го узурпирал.

-Не е српски да се молчи Драгане Бујошевиќу, кажа Трифуновиќ и порача „ти си им одговорен на јавноста и на гледачите, а не на политичките интереси на власта“.

Актерот Миленковиќ рече дека граѓаните имаат право да живеат нормално во земјата во која законите важат еднакво за сите.

-Сакаме животот да има смисол. Но, живееме во земја без последици и за доброто и за лошото, во произволна папазјанија на нарцисоидни, самоповикани експерти и стручњаци, кажа Миленковиќ.

Пред зградата на РТС, демонстрантите повторно кратко се задржаа во знак на протест против информирањето на телевизијата, каде беше раширен транспарентот „ Ова е почеток“, проследен со тонски записи на говори на претседателот Александар Вучиќ, како и со песната на Ѓорѓе Балашевиќ-„Дно дна“

Протестот беше најавен како непартиски, но на него и овој пат учествуваа преставници на речиси сите опозициски партии во Србија. На досегашните протести имаше меѓу 25-35.000 граѓани.

Организаторите на протестите ги повторија своите барања за расветлувањето на убиството на Оливер Ивановиќ, откривање на сторителите на нападите врз новинарите и опозициските личности, како и опозицијата да добие пет минути простор во Дневникот на РТС. Кон овие барања, минатата сабота беше додадено уште едно – смена на министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.

Претходните четири саботи без инциденти се одржаа протестни прошетки „Стоп на крвавите кошули“ како одговор на нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ во Крушевац, а слоганот „Еден од пет милиони“ следеше по коментирањето на првата протестна прошетка, на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека нема да исполни ни едно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку и долго да траат протестите.

Тој по третите протести прокометира дека „нема проблем со протестите, бидејќи секогаш излегувал посилен, а организаторите послаби“, како и дека „ќе ги сослуша само граѓаните, но не и опозицијата“.

Првпат оваа сабота се одржаа граѓански протести и во Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Пожега и други градови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...