Познатата италијанска актерка и манекенка, Орнела Мути (64) е прогласена виновна за користење лажно лекарско оправдување за да го избегне рециталот во местото Порденоне и да замине во Санкт Петерсбург на вечера со рускиот претседател Владимир Путин. Во петокот Врховниот суд на Италија ја казни актерката со шест месеци условна затворска казна и парично со 500 евра. Мути ќе треба на театарот во Порденоне да му плати казна од 30.000 евра, а ако не ја плати, ќе оди во затвор.
Скандалот се случил во 2010 кога Путин бил премиер. На вечерата биле и други ѕвезди од шоу бизнисот како Жерар Депардје, Моника Белучи, Голди Хоун и Шерон Стоун.
Мути се правдала дека не може да дојде на рециталот зашто имала ларингитис и температура.
Кога се појавиле фотографиите од вечерата со Путин, управата на театарот решила да ја тужи Мути. Таа на суд рекла дека нема да може да ја плати казната од 30.000 евра, и била исфрлена од станот во Рим, поради долг од околу 80.000 евра.