Општините ќе можат да аплицираат за 6,5 милиони евра за капитални проекти преку Проектот за подобрување на општински услуги.
Проектот ќе биде објавен во септември, а општините ќе треба да подготват предлог-проекти со кои ќе аплицираат на јавниот повик.
Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии и е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра.
Целта на проектот е да ги подобри услугите кои ги дава општината на граѓаните, како и капацитетите на општинската администрација за имплементирање на проектите.
Во рамки на проектот се финансираат општински проекти од интерес за граѓаните.
– Годишно, тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирани речни корита, градинки, културни домови, општински згради итн. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните – вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Само преку овој проект, на годишно ниво – од јуни 2017 до јуни 2018 година, реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина.