Општина Куманово ќе набави 6 возила на лизинг

57

Општина Куманово ќе набави шест возила, пет „дачија“ и едно „рено“ што ќе ги користат мобилните општински служби кои одат на терен, секторот за инспекциски надзор, за урбанизам, за правни работи и едно ќе го користи противпожарната единица од Куманово. Општината одвоила над 7,8 милиони денари со данок на додадена вредност, за набавка на возилата по пат на финансиски лизинг.

Возилата сѐ уште не се испорачани, договорот со избраната компанија е потпишан, но реализацијата ќе се пролонгира, бидејќи како што појасни градоначалникот Максим Димитриевски на денешната седница на Советот, Општината е под финансиска блокада и возилата ќе бидат набавени кога таа ќе биде деблокирана.

Опозицијата праша зошто се набавуваат возила, а не се гради инфраструктура во руралните средини.

Димитриевски истакна дека не станува збор за набавка на луксузни возила и рече дека набавката со лизинг е реализирана, откако претходно е донесена одлука на Совет дека тоа е многу поевтино за општината, во однос на средствата кои што досега се одвојуваат за одржување на веќе амротизираните возила кои ги користи администрацијата. 
 
– Одлуката е добра и Советот ја поддржа бидејќи на долгорочно ниво генерира заштеди – рече Димитриевски.
 
За постоечките возила, додаде тој, или ќе бидат продадени или пак со одлука на Совет ќе бидат доделени на други институции кои се под надлежност на Општината.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...