Шест чешки опозициски партии денеска побараа од премиерот Андреј Бабиш да поднесе оставка, откако во медиумите се појавија тврдења дека неговиот син бил испратен во странство со цел да се попречи истрагата за измами, што се води против првиот човек на Владата на Чешка.
Милијардерот Бабиш, чија групација има бизниси во земјоделството, хемиската индустрија и медиумиската сфера, е осомничен дека пред десетина години манипулирал со сопственоста на неговата фирма „Капи Хниздо“, со цел да добие средства од европските фондови во висина од два милиони евра.
Шесте опозициски партии, кои бараат оставка од Бабиш, тврдат дека истрагата за овој случај, познат како „Штрково гнездо“, не може за биде целосно спроведена се додека тој се наоѓа на премиерската функција.
– Го повикуваме Андреј Бабиш да поднесе оставка на местото премиер, се додека трае истрагата за случајот „Штрково гнездо“. Тоа е единствен начин да се гарантира праведна истрага, се наведува во заедничкото соопштение на шесте партии.
Партиите најавија дека ќе иницираат изгласување недоверба на Бабиш, но шансите за поминување на таквата иницијатива се мали, бидејќи тие го немаат неопходното мнозинство од 101 глас во Долниот дом на чешкиот Парламент.
Интернет порталот „Сезнам зправи“ објави дека синот на Бабиш, Андреј Бабиш Помладиот, живее во Швајцарија, заедно со неговата мајка и поранешна сопруга на чешкиот премиер. Во изјава, веројатно снимена со скриена камера, Бабиш Помалдиот вели дека бил натеран да замине на полуостровот Крим, со цел да не биде повикан како сведок во истрагата што се води против неговиот татко.
Тој тврди дека на Крим го одвел човек, кој бил сопруг на психијатарот која го прегледала и кој бил советник на неговиот татко во времето кога чешкиот премиер беше министер за финансии. Според Бабиш Помалдиот, неговото префрлање на Крим било по идеја на татко му.
Чешкиот премиер, кој учествува на конференцијата за Либија во италијанскиот град Палермо, ги отфрли ваквите обвинувања.
– Да се снима душевно болен човек, тајно и на ваков начин, е одвратно и срамно. Сета оваа кампања е со единствена цел да се изврши притисок врз истражителите во случајот „Штраково гнездо“ и од неа корист има само опозицијата – нагласи Бабиш.