ОН: Убиени речиси 7.000 луѓе за 18 месеци од безбедносните служби на Венецуела

135

Во објавениот извештај на Високиот комесар за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, се укажува дека во изминатава година и пол безбедносните органи на Венецуела ликвидирале околу седум илјади луѓе од опозицијата.

Извештајот беше презентиран денеска во Женева пред Советот за човекови права на ОН.

Се укажува дека за тоа биле ангажирани специјално формирани одреди со своја команда надвор од истражниот и судски систем на земјата.

Во извештајот се вели дека безбедносните служби лани убиле 5.287 лица, а во првото полугодие на 2019 година ликвидирале 1.569 луѓе.

Податоците за убиствата се добиени од Владата на Венецуела откако технички тим на ОН минатата година ја посети земјата.

Бачелет, активистка за човекова права со потекло од Чиле која неодамна беше во Венецуела, во извештајот предупредува дека „постојат оправдани сомнежи дека убиствата се вонсудски ликвидации извршени од безбедносните служби“ на земјата. Според неа, властите најверојатно ги ангажираат специјалните сили ФАЕС и други тајни служби за спроведување на политика на социјална контрола над населението.

Таа повика на итно спроведување истрага „за повикување на одговорност на извршителите и гаранција дека ова нема да се повтори“. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...