На минатонеделниот состанок одржан во Тиват, Црна Гора, Мешовитиот комитет на ЦЕФТА донесе одлука за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук во регионот на Западен Балкан, што дополнително ќе придонесе за раст и развој на економијата во овој дел од Европа.
Одлуката предвидува строги правила што се целосно усогласени со правилата на Европската унија, а истите се предвидливи за деловните субјекти и го олеснуваат протокот на стоки. Исто така, со овие правила ќе се создаде сигурност дека при увозот и извозот, квалитетот на овошјето и зеленчукот не е компромитиран на кој било начин. Со оваа одлука се обврзуваат агенциите во регионот кои се надлежни за движење на ваков вид на стоки.
– Шесте комори од Западен Балкан, во рамки на Коморскиот инвестициски форум ги повикуваат владите од регионот заеднички да изготват процедури и постапки што ќе го олеснат движењето на стоките во регионот на Западен Балкан. Извозот на овошје и зеленчук од Западен Балкан е за околу 20 пати помал отколку од земјите на ЕУ, што говори за големата потреба трговските бариери во регионот да продолжат да се елиминираат -додаде генералниот секретар на КИФ, Сафет Герџалиу.
Во име на Управниот одбор на КИФ, Герџалиу го поздрави усвојувањето на решението за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук од страна на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, при што додаде дека на регионот на Западен Балкан му е потребен побрз и полесен економски пристап без присутност на политички импликации коишто, за жал, сè уште се присутни.
Директорот на ЦЕФТА-Секретаријатот, Емир Џикиќ, очекува дека до взаемно признавање на сертификатите за трговија со овошје и зеленчук ќе дојде до почетокот на летото.
– Исто така, се надеваме дека до крајот на годината ќе изготвиме и повеќегодишен контролен план и ќе започнеме со имплементација – рече Џикиќ.
Токму од овие причини, многу е важна размената на ветеринарни и фитосанитарни сертификати, како и на јавните здравствени сертификати при процесот на увоз-извоз на стоки.
На состанокот, министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, меѓу другото, истакна дека основата на годинешното претседателство на Босна и Херцеговина со ЦЕФТА е спроведувањето на Договорот и неговите дополнителни протоколи, како и спроведувањето на активности од Повеќегодишниот акционен план за создавање регионална економска област (МАП, РЕА) поврзана со трговските прашања. Тој истакна дека приоритетите на Босна и Херцеговина се слободното движење на стоки, отстранувањето на бариерите за трговија со стоки, слободната трговија со услуги, слободниот проток на инвестиции, усвојувањето на дополнителен протокол за решавање спорови и институционален развој на ЦЕФТА.
Господин Хамдо Тињак од Министерството за надворешна трговија и економски односи, потсети дека Босна и Херцеговина претседава со ЦЕФТА оваа година и дека сме на добар пат со усвојувањето на одлуката за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук. Тој посочи дека ова е многу значајна одлука за регионот бидејќи голем дел од трговијата во регионот на ЦЕФТА отпаѓа токму на овошјето и зеленчукот. Земји како Северна Македонија, Србија, Албанија и други имаат многу да му понудат на регионот, особено кога станува збор за свежо и квалитетно овошје и зеленчук. Тињак објаснува дека секоја одлука на ЦЕФТА мора да се донесе преку заеднички комитет составен од министри или нивни заменици и државни секретари. Тој потенцираше дека станува збор за сертификати кои ја придружуваат стоката и се признаени меѓусебно од земјите на ЦЕФТА, така што понатаму нема да има потреба од нивна дополнителна царинска проверка.
– Доволно е да се имплементира еден таков сертификат, за потоа да нема повеќе дополнителни проверки од страна на државата во која се увезува и од нејзините институции, – истакна Тињак.
Средбата во Тиват се одржа како дел од Проектот за поддршка и олеснување на трговијата меѓу членките на ЦЕФТА, спроведен од страна на КИФ и ЦЕФТА, со поддршка од Европската комисија и германското Министерство за економска соработка.