Околу 150 мигранти во Босна и Херцеговина ноќта ја поминаа под ведро небо на граничниот премин Маљевац, а денеска со автобуси треба да бидат префрлени во новиот прифатен центар во Бихаќ.
Мигрантите во текот на вчерашниот ден собираа дрва за да запалат оган пред своите шатори во кои има и деца и да преспијат уште една ноќ на отворено.
Безбедносната состојба засега е под контрола, а Граничната полиција на Босна и Херцеговина и полицијата на Хрватска не преземале никакви активности освен стража на два пункта.
Засега не е познато дали мигрантите се согласуваат со одлуката да бидат префрлени во Бихаќ имајќи предвид дека нивна цел се европски земји, а не прифатни центри во БиХ.
Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ вчера изјави дека треба да се свика седница на Советот за безбедност на Хрватска поради состојбата на граничниот премин Маљевац, каде повеќе од 30 часа беше прекинат сообраќајот.
Претходната вечер дојде до инцидент со мигрантите на граничниот премин Маљевац, во Велика Кладуша, во кој беа повредени најмалку три лица, од кои еден припадник на Граничната полиција на БиХ. Тоа беше втор инцидент, бидејќи во текот на претходниот ден тројца мигранти се здобија со полесни телесни повреди во судир со полицијата, а меѓу нив имаше и едно дете. Еден полицаец од БиХ исто така беше полесно повреден.
Хрватската полиција од другата страна на границата ја набљудува состојбата по воздушен пат, а покрај мостот е поставен и воден топ во случај мигрантите да тргнат во тој правец.
ФОТО: Јутјуб