Од утре ќе се фрлаат мамки за вакцинација на лисиците, наликуваат на чоколадни коцки

Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило, како и биолошки маркер - тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.

190

Утре почнува 13. есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за вакцинација на лисиците против беснило.

На целата територија на Република Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови заклучно со 19 октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип  ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки.

АХВ апелира граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило, како и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.

„Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира,но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе“, велат од АХВ.

Агенцијата ги потсетува сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило иако болеста во Македонија последен пат е регистрирана во 2012 година.

По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.

Кампањата за вакцинација се реализира со финансиска поддршка на Европската унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...