Од Скопје до Приштина за помалку од еден час

981

Вицепремиерот Бујар Османи, како координатор на Владата за имплементација на проектот Скопје – Блаце,  заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, денес јавно ја презентираа објавата на тендерот за реализација на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце.

– Како координатор на проектот, ми претставува особено задовоство што денес можеме да објавиме дека стартува проектот Скопје – Блаце, еден од најважните инфраструктурни приоритети на Владата, со кој Република Северна Македонија ќе се поврза со автопат со Република Косово – истакна Османи, упатувајќи на денешната објава на тендерот за изведба на првата фаза од автопатот во должина од 2км, почнувајќи од границата кон Скопје.

Османи потсети и на самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Познан, Полска, на почетокот од месеов, каде во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), се обезбедија нови 27 милиони евра (27,2) – грант, т.е. неповратни средства од страна на Европската Унија, наменети за финансирање на вториот дел од трасата, во должина од околу 11 километри.

– Со изградбата на овој автопат, и негово поврзување со автопатот Приштина – Блаце, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку два часа на помалку од еден час, со што Скопје и Приштина и суштински ќе станат најблиските главни градови на Балканот- нагласи Османи.

– Автопатот ќе биде изграден според Европски стандарди со 2 ленти за возење и 1 лента за принудно застанување во еден правец. Ширината на лентите за возење се по 3,5 м, лентата за принудно застанување е 2,75 м односно целосната широчина на асфалтниот коловоз во еден правец изнесува 10,25м – изјави Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, посочувајќи дека краен рок за понудите за тендерот кој се објавува денес, за правата фаза од автопат од ГП – Блаце до с. Блаце во должина од 2км., ќе биде до 4-ти септември оваа година.

Китанов посочи дека на делницата е предвидено да се изгради една клучка за поврзување со селото Блаце и постојниот магистрален пат, а посочи дека се проектирани и два кружни текови заради поврзување со царинскиот терминал Блаце и постојниот магистрален пат, за кој посочи дека ќе служи како алтернативен пат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...