Од понеделник Шилегов ќе ги вклучи инспекторите на џи пи ес

Доколку еден инспектор каже дека е на едно место, а џи пи есот вели дека бил на друго, тој може да се соочи со намалување на плата, но и со отказ.

570

Од понеделник треба да почне следењето на инспектори од страна на Град Скопје, најави раководителот на Инспекторатот на Градот, Мирослав Богдановски. Со апликацијата „е-инспектор“, инспекциските лица ќе бидат под лупа постојано за време на работното време, меѓудругото и за нивна заштита.

– Во август заврши тендерот и почнавме со имплементација на договорот. Има десет телефони кои што се пуштени по инспектори во тест фаза, пробен период од десетина дена. Периодот на тестирање завршува, договорено е утре да дојдат задолжените, да се инсталира таа програма на сите 60 телефони и од понеделник да почне функционирањето на е-инспектор. Зошто сепак ова е нова апликација, се јавија некои багови, имавме проблеми со исклучување, апликацијата сама се исклучуваше и слично. Целта ни беше да се надминат неправилностите – рече Богдановски за Плусинфо.

Како што рече тој, ова го прават пред сѐ, поради безбедност на лицата кои вршат инспекција.

– Имаме случаи каде што се напаѓаат инспектори, вака преку тој локатор односно џи пи ес сигнал, ќе знаеме точно на кое место се и веднаш ќе бидат испратени или полиција или останати инспектори. Телефоните имаат копче СОС каде што при стискање веднаш се праќа сигнал во полиција, каде што се лоцира каде е инспекторот и се праќаат најблиску тие единици или патроли од МВР – додаде тој.

Покрај следењето, како што вели тој, со новите телефони ќе се олесни сликањето на записниците, скенирањето, а ќе може да се сликне и за некој проблем од терен и да се прати до посакуваното место.

– Сакаме заштита на инспекторите, меѓутоа покрај другото ние можеме да правиме и оптимизација на нивното работно време и маршутите што се спроведуваат. На пример од точка А до точка Б, од тука да оди до Капиштец, не може до Гази Баба да врти, така што тука ќе имаме и штедење на гориво и слично – рече тој.

Доколку еден инспектор каже дека е на едно место, а џи пи есот вели дека бил на друго, тој може да се соочи со намалување на плата, но и со отказ.

Шеесте телефони се предвидени за 39-те инспектори кои моментално работат, но во план е да се земат уште 15 до 20 лица, така што бројката околу 60 да биде запазена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...