Работниците родени пред 1967 година, кои според последните предложени измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување ќе треба да одлучат дали да останат во приватниот или да се вратат во државниот пензиски фонд, се збунети и не знаат како тоа ќе се одрази врз нивните пензии.
– Кога се воспоставуваше приватниот пензиски фонд агентот од пензиското друштво ми советуваше дека е добро да се зачленам во приватниот фонд. Сега гледам правеле анализа дека ние треба да се вратиме во државниот фонд и одлучиле да нѐ вратат. Не знам што е подобро за мене? Се чувствувам измамена оти се надевав дека ќе биде добро со тогашната реформа – вели 52-годишна работничка.
Друга работничка, пак, вели дека за одредена категорија работници кои тогаш биле префрлени во приватниот фонд и тогашните пресметки на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување биле неповолни.
– Тогаш на страната на МАПАС имаше предупредување дека за некои работници не е поволно тие да членуваат во приватните друштва. Во тие спаѓав и јас, но агентот од пензиското вдруштво ме убеди дека тоа за мене е добро. Јас прифатив и сега можеби ќе треба да ме вратат во државниот фонд. Јас сум во недоумица како да реагирам – вели таа.
Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) која ги контролира пензиските друштва и се грижи за правата на осигурениците, велат дека нема место за загриженост кај лицата кои треба да одлучуваат дали да останат во приватниот фонд или да се вратат во државниот пензиски фонд.
– Во периодот за донесување одлука, Агенцијата и пензиските друштва активно ќе учествуваат во информирањето на овие осигуреници, преку достава на писмени известувања, средби, телефонски контакт со што ќе им се помогне на осигурениците да донесат сопствена одлука – велат од МАПАС.
Отаму додаваат и дека на секој осигуреник кој треба да донесе одлука ќе му бидат посочени правата од членувањето во двостолбен пензиски систем и правата од осигурувањето во едностолбен систем.
– Овие лица, имаат можност одлуката да ја донесат врз основа на должината на стажот пред влезот во вториот столб, од нивната возраст, од заменските стапки од прв столб пропишани во Законот за ПИО, потоа од растот на средствата, приносите на задолжителните пензиски фондови – велат од МАПАС.
Агенцијата веќе подготвува донесување на подзаконска регулатива со која ќе се доуреди начинот на кој овие членови ќе можат да се информираат за своите права за да донесат самостојна одлука. Како и до сега членовите ќе можат да се обратат до Агенцијата и до двете пензиски друштва.
Причина за предложените измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за пенсиско и инвлаидско осигурување беше што со последните реформи направени во пензискиот систем се направени неколку превиди. Еден од нив беше тоа што се појавија случаи на повозрасни осигуреници кои имаат повеќе години работен стаж во едностолбен систем на кои членството во втор столб не им одговара. Анализата направена од работната група од страна на Министерстото за труд и социјална политика покажа дека е потребно да се изменат законите за да не се дозволат вакви случаи.