Многу думи се изнакажаа и се изнапишаа овие недели во медиумите и на социјалните мрежи, за тоа дали референдумот ќе успее, дали цензусот е достижен или треба да се намали, дали прашањето ќе биде „еднозначно“ (како што бара ВМРО) или ќе биде трик, дали Македонецот сега, откако ја измолзе кравата, сепак ќе ја клоцне кофата со млеко…
Уште кога се отвори дилемата дали идниот договор со Грција треба да се „овери“ на референдум, пишував дека тоа не е потребно. Во една пригода, во Мала Речица, разговарав и со Али Ахмети, со кого заеднички се согласивме дека референдумот навистина не е потребен. Но, премиерот Зоран Заев на народот му вети плебисцит, веројатно со искрена желба својата одлука да ја провери со непосредно демократско изјаснување на избирачите.
Опозициските вмровци, пак, на чело со Христијан Мицкоски, се фатија за најнебитната работа, за референдумското прашање. Со нивната, како што ќе напише деновиве Денко Малески, „шизофрена“ теза дека може истовремено да се биде за НАТО и за ЕУ и против Договорот со Грција. И со нивната сѐ уште до крај неартикулирана закана за бојкот на референдумот.
И еве, предлогот е на маса. Да, во референдумското прашање има две прашања, но тие се каузално поврзани и таа врска го чини прашањето директно и прецизно – ќе бидеме прашани дали сакаме нашата земја да биде членка на НАТО, ама само со прифаќање на склучениот договор со Грците. Бидејќи поинаку и не може, јасно е дека ќе бидеме прашани, всушност, дали го одобруваме Преспанскиот договор.
Јас мислам дека е бесмислена и дебатата за тоа дали референдумот треба да биде задолжителен и консултативен. Високиот цензус, кој бара излезност на повеќе од 900.000 избирачи, референдумската одлука дефинитивно ќе ја легитимира како обврзувачка за политичарите. Се разбира, определбата за консултативен референдум, теоретски, отвора можност и исходот на еден неуспешен референдум (без исполнет цензус), доколку повеќето избирачи гласаат „за“, да се толкува како одобрување институциите да продолжат со имплементација на Договорот со Грција во Уставот. Но, во таков случај, политичкиот легитимитет на процесот може многу сериозно да биде оспорен.
Работата е јасна. Референдум ќе има. Прашањето е прецизно. Цензус е потребен. Мое мислење е дека одлуката на народот сепак ќе мора да се прифати како пресудна. Власта и опозицијата се пред голем, историски испит. Поправна испитна сесија нема да има.