Платежната агенција и годинава ќе ја исполни законската обврска за исплата на субвенциите за овоштарите до 30 јуни годинава, а до крајот на март или на почетокот на април ќе ја исплатиме мерката за одржување овошни насади, потврди денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
– Ќе направиме напор заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со овоштарите, основната мерка за одржување на овошни насади да ја исплатиме на крајот на март или на почетокот на април заради состојбата со која се соочуваат производителите на јаболка – рече Бабовски.
Тој посочи дека не е спорно ни едно од трите барања на производителите, откупувачите и преработувачите на јаболка од ресенскиот дел што беа изнесени на вчерашната средба во Скопје.
– За дополнителната мерка за исплата на три денари се договоривме дека ќе биде исплатена во законскиот рок до 30 јуни, а за можноста да се реши моменталниот суфицит на конзумно и индустриско јаболко на пазарот се договоривме да се изнајде соодветно законско решение до 1 март – рече Бабовски.
Тој најави дека до крајот на месецов ќе има итензивни разговори на сите субјекти за наоѓање на соодветно решение.