Брз и здрав начин пушачите да го исчистат телото од никотин е да јадат што повеќе здрави производи. Ако редовно се консумираат, морковот, зелениот чај, спанаќот, кивото, лимонот и портокалот, брокулата, карфиолот, зелката, може да помогнат од телото да се исфрлат штетните материи на цигарите.
Зелен чај
Пушењето цигари придонесува телото побрзо да ги губи течностите и тоа може да доведе до дехидратација. Витаминскиот чај направен од два литри вода, 12 ливчиња нане, зелен чај и лажичка рендан ѓумбир во кој потоа, кога ќе се излади, ќе додадете една краставица и сок од еден лимон, е одличен за хидратација во текот на денот и ќе го исчисти телото од токсини.
Моркови
Никотинот ја суши кожата и поради тоа лицето нема здрав и блескав тен. За да го спречите овој несакан ефект, јадете моркови. Морковите содржат големи количини витамини А, K, Ц и Б. Јадете ги свежи или во свежо цеден сок од моркови, јаболко и лимон.
Спанаќ
Фолната киселина е многу важна за нормална работа на организмот, а исто така е активен елемент во чистењето на телото од никотин. Спанаќот е богат со фолна киселина, но, исто така, и со железо, калциум и растителни влакна.
Брокула, прокељ и зелка
Освен што овие зеленчуци содржат полифеноли што се покажале многу ефкасни во смирувањето на разни воспаленија во системот за варење, исто така, содржат и антиоксиданти кои го чистат телото од токсини како никотинот. Овие зеленчуци треба да ги готвите со минимална термичка обработка за да задржат што е можно повеќе од нивните хранливи состојки.
Киви, лимон и портокал
Освен водата, никотинот ги исфрла од телото и витамините A, Ц и E кои го јакнат имунитетот и му помагаат на телото да се бори против разни инфекции и бактерии. За да ги надоместите изгубените витамини, јадете киви, портокали и лимони.