На дебелите луѓе, кои воедно страдаат од мигрена, губењето на килограмите би можело да ја олесни главоболката и другите симптоми во врска со мигрената, покажува новото италијанско истражување.
Кога личност ќе ја намали телесната тежина, бројот на денови во месецот со мигрена се намалува, како и болката и траењето на нападите на главоболката, тврдат експертите.
Тие прегледале резултатите на 10 различни студии кои вклучиле вкупно 500 пациенти со мигрена. Анализата покажала дека губитокот на тежината е поврзан со големото намалување на зачестеноста на траењето и болката на мигрената.
Предностите биле слични, без оглед на тоа дали намалувањето на тежината било постигнато со хируршки зафат или со промените во исхраната и вежбањето.
Се наметнува заклучокот дека ако страдате од мигренски главоболки и доколку сте дебели, губитокот на тежината ќе го подобри квалитетот на личниот, семејниот и социјалниот живот, како и работењето и продуктивноста на работата.
Лекарите истакнуваат дека губитокот на тежината исто така ја намалува интензивноста на симптомите поврзани со дебелината, вклучувајќи ги дијабетесот, хипертензијата, болестите на срцето, мозочниот удар и респираторните болести.