Овации за полската програма на „МакеДокс 9“

„Пегличката“ (Фиат 126, или Малух), која годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“, веќе е претставена пред публиката и отворена за пиктографски пораки кои со љубов и пријателство ќе бидат испратени во Варшава, Полска.

115

Програмата на земјата во фокус – Полска на годинашото девето издание на „МакеДокс“ беше отворена синоќа во Куршумли-ан со перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“ според концептот на Владан Царичиќ – Цар во реализација на балерината Ивана Коцевска заедно со двете генерации „докуникулци“ на „МакеДокс“. Беше одржана и проекцијата на филмот „Над возможното“ (Полско-германско финска продукција) на Марта Прус.

Веднаш по проекцијата на филмот режисерката Прус одговараше на прашања од публиката, а меѓу другото објасни дека правејќи филм за врвната руска гимнастичарка Маргарита Мамун не сакала „да прикаже спортист кој стигнува до врвот на кариерата со победа на Олимпијада, туку човек со емоции“.

– Победата е кратка, но патот до неа е долг, нагласи Прус, која ќе учествува и на разговорите „Под смоквата“ вечерва, во 18 часот.

Според организаторите, почетокот на програмата на замјата во фокус – Полска, предизвика голема побарувачка за билети и создаде долга редица пред Куршумли-ан, а мал дел од публиката беше пренасочуван кон проекциите на следните филмови од програмата на „МакеДокс 9“.

Голем интерес предизвикаа и полските филмови „Сестри“ (Полска, 2017, 20 мин.) на Михал Хитрош и „Опера за Полска“ (Полска, 2017, 41 мин.) на минатогодишниот добитник на наградата „Кромид“ на „МакеДокс“ за филмот „21хЊујорк“ – Пјотр Стасик. Беа прикажани и филмовите „Земја на жени“ на Алијаксеј Палујан, „Кога свињите доаѓаат“ на Билјана Тудоров, „Помеѓу кадри“ на Алексеј Дмитриев и „Пофалба на ништото“ на Борис Митиќ. Тудорова, Дмитриев и Митиќ, исто така, вечерва ќе учествуваат на разговорот „Под смоквата“.

Вечерва, пак, со заедничкиот пикник со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби, ќе почне Студентската програма, додека во ноќните часови, по завршувањето на проекциите на филмовите, во Куршумли-ан концерт ќе одржат „Well Known Dogs“, бенд во кој членуваат Јордан Костов на хармоника, Фенг Хао на тапани и Иван Бејков на бас.

Инаку, „Пегличката“ (Фиат 126, или Малух), која годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“, веќе е претставена пред публиката и отворена за пиктографски пораки кои со љубов и пријателство ќе бидат испратени во Варшава, Полска.

По завршената мисија, „Пегличката“, како што беше најавнео, ќе му биде подарена на Музејот на современата уметност во Скопје, кој е изграден по проект на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...