Романот „Доктор Глас“ од шведскиот писател Јалмар Седерберг, излезе деновиве од печат во издание на „Македоника литера“ од Скопје. Преводот од шведски јазик е на Ивица Челиковиќ.
Според издавачот, станува збор за ремек-делото на шведскиот класик Седерберг во кое главниот лик е 30-годишен доктор, кој се вљубува во млада и убава пациентка. Таа е омажена за стар корумпиран свештеник, кој постојано ја присилувал на сè помалку подносливи „брачни должности“. Кога првпат бил објавен (1905), романот предизвикал скандал поради храбриот опис на брачно малтретирање и силување, но и поради контроверзните оправдувања на абортусот, евтаназијата и убиството.
„Амбивалентноста внатре во една личност е тема што Седерберг во овој роман доследно ја развива. Подвоеноста меѓу лекарските, етички принципи, што во професионалната и човечката смисла го определуваат, и ограничуваат, и исто така медицинските, но не и етички, туку биолошки начела што ги запознал, го претвора докторот Глас во мошне растроен, колеблив, модерен човек, фрлен во егзистенцијална опстановка на самата граница. Граница што не е за преминување“, се посочува за рецензијата за делото.
Јалмар Седерберг (1869-1941) се смета за еден од најдобрите шведски прозни стилисти на својата епоха, мајстор на малата прозна форма. Романот „Доктор Глас“, покрај „Сериозната игра“ (1912), е негово најценето дело.