Излезе од печат „Хипи“, долгоочекуваната нова книга на миленикот на читателската публика Пауло Коелјо, соопшти Издавачкиот центар ТРИ.
Ова е 20. книга на Пауло Коелјо, најчитаниот и најпреведуваниот писател во светот, со над 225 милиони продадени книги, преведен на 80 јазици и објавен во 170 земји.
Во својот најавтобиографски роман досега, авторот ни раскажува за едно непознато поглавје од својот извонреден живот и го споделува со нас сонот на хипи генерацијата за послободен и помирен свет. Коелјо нè води на едно неверојатно патување со Волшебниот автобус, од Амстердам, преку Истанбул, Кабул, Делхи до Катманду, навраќајќи се на своето духовно патување и повторно оживувајќи ги спомените на тие интензивни времиња. Со секоја своја страница „Хипи“ го внесува читателот во тие неповторливи години на радост и љубопитност. Години во кои навистина се верувало дека револуцијата може да се направи со цвеќе и дека соништата можат да се остварат.
– Штом го прочитав романот „Хипи“, ме обзеде силен копнеж да се изгубам, но и мала завист за оние времиња кога човек можел да го прави она што го сака во извесна мера затоа што копчето „лајк“ сѐ уште не било измислено и затоа што немало кого да се „лајкува“. Туку едноставно да се живее – Ела магазин, Глобо, Бразил.