Издавачката куќа „Паблишер“ информира дека неодамна излезе од печат книгата „Потестатизам“ од Калистрат Санџакоски.
Големината на овој труд исходи од сета негова преизобилност на форми, стилистички фигури, литерарни пасажи и метафори, философски увиди и мистички созерцанија. Самата структура на делото е луцидна и до лудило оригинална. Започнува со една пресуицидна фантазма, а потем се нижат поглавјата за цивилизациските периоди, и дојденото време на денешната моќ како постигната цивилизација. Тука следуваат три поглавја што вршат еден неверојатно богат обрат кон уметноста како прва феноменологија на духот, и имплицитна распределба на моќта.
„Потестатизам“ не е вообичаен трактат за моќта, каков-годе сакате во стерилно-пуританска еднострана смисла: историски, социолошки, политиколошки, културолошки или пак дури и психоаналитички. Стилот на пишување е ултрамодерен, па дури и постмодерен во актот на сопственото метафизичко насилство што го имплицира како форма на отпор.