Во Феникс денеска е уапсен медицински техничар што требало да се грижи за жена која повеќе од десет години била во вегетативна состојба и кома, а која се породи пред еден месец.
Полицијата објави дека го уапсила 36-годишниот Нејтан Шатерленд, медицински техничар кој работел во болницата Hacienda Healthcare, каде со години била хоспитализирана жената во кома. Тој е обвинет за силување на пациентката, која се породи пред еден месец.
Случајот го шокираше светот откако жената, која со години е во несвесна состојба, одеднаш роди дете. Жената пред 14 години учествувала во инцидент во кој таа речиси се удавила, по што паднала во кома.
Болничкиот персонал воопшто не знаел дека таа е бремена, сѐ додека не се породила.
Пациентката има 29 години, а на 29. декември родила здраво машко бебе.
Медицинските сестри забележале дека нешто чудно се случува кога пациентката почнала да вика во креветот поради породилните болки. Полицијата веднаш се посомнева во силување и започна истрага, а целиот машки персонал во болницата бил принуден да даде примерок од ДНК. Директорот на болницата потоа си дал оставка.