Музејот на современи уметности „Палата Токио“ (Palais de Tokyo) во Париз вчера им ја отвори вратата на нудистите, со што стана првата галерија во градот која на следбениците на тоа движење им го одобри пристапот.
Настанот, на кој присуствувале околу 160 следбеници на движењето, претставува „пресвртница во една од престолнините на културата во светот“, рекле активистите на ова движење.
– Начинот на живот на нудистите е да бидат голи. Културата е дел од нашиот секојдневен живот и ова е посебна прилика – рекол директорот за комуникации на Здружението на нудистите во Париз Жулиен Клод-Пенегри.
Според податоците на тоа здружение, кое има 88.000 следбеници само во Париз, 2,6 милиони луѓе практикуваат нудизам во Франција.
Поканите за овој настан, најаван уште во претходниот месец, музејот Палата Токио им ги упати на нудистите преку страницата на Фејсбук.
Пријавите за посета биле примани преку имејл и веднаш по објавата се нашле повеќе од 1.000 луѓе на листата на чекање за овој несекојдневен настан.
Кон крајот на 2017 година во Париз беше отворен и ресторан за нудисти, а потоа и парк.
Идејата голи луѓе во музеите инаку не е сосема нова, а Националниот музеј на Австралија уште во 2015 година се „пофали“ со организацијата на настан од овој вид.