Норвешки министер поднесе оставка заради кариерата на неговата сопруга

1003

Норвешкиот министер за транспорт, Кетил Солвик-Олсен, денеска поднесе остаква од функцијата давајќи ѝ простор на неговата сопруга, која работи како доктор, за наредок во кариерата. Ваквиот гест на Олсен беше поздравен во јавноста како пример за еднаквост меѓу мажите и жените.

„Беше фантастично да се работи како министер за транспорт и врски и, ако сум целосно искрен, би сакал да продолжам така до крајот на животот“, изјавил Солвик-Олсен, член на Партијата за напредок, кој на позицијата бил од 2013 година.

„Сепак, сега дојдов на крстосница во мојот живот кога е ред на сопругата да го оствари својот сон. Сето ова е дел од договор што го направивме пред многу години“, објаснил тој.

Неговата сопруга, Тона Солвик-Олсен, ја прифатила за период од една година понудата за лекарска позиција во детска болница во САД.

Ваквата одлука наиде на воодушевување кај корисниците на социјалните мрежи: „Одлука вредна за почит“, „Фантастичен пример“, се дел од коментарите на корисниците на „Твитер“.

Норвешка е на второ место зад Исланд во последниот извештај на Светскиот економски форум за еднаквост меѓу мажите и жените.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...