Франција, како и Германија, е против „разграничувањето“ меѓу Белград и Приштина, пишуваат белградските медиуми.
Неименувани изори на Вечерни новости соопштиле дека за време на амбасадорската конференција минатата недела, на која присуствувал и францускиот претседател Емануел Макрон, изразено е спротиставување на било каква промена на границите или на административните линии во регионот.
Ставот на Париз за ова прашање дури е и потврд од позицијата на Берлин- наведуваат Новости.
“Официјален Париз се плаши дека било какво “прекројување“ би можело да предизвика верижни реакции во регионот, дури и доколку биде потенцирано дека целиот проблем се однесува само помеѓу Белград и Приштина“-истакнал изворот на весникот кој бил присатен на овој состанок.
Тоа, пред се, се однесува на состојбата во која Република Српска би се обидела да го следи примерот на северно Косово. Французите строго го почитуваат начелото на Бадинтеровиот принцип според кој републичките граници во поранешна Југославија се прогласени за државни, иако тоа е флагрантно прекршено токму во случајот со Косово, кое во Југославија не беше република, преку лаконското толкување на употребата на латинскиот термин sui generis, кој сугерира “посебност”, кој Бадинтер секогаш отфрлаше да го коментира.
Според “Новости”, конечниот договор за Косово може да се обликува токму во Франција на маргините од 100-годишнината од победата на сојузниците во Првата светска војна на 11 и 12 ноември во Париз.
Според “Новости”, ЕК ќе настојува да преговара со земјите-членки за прифаќање на било кој договор постигнат од Белград и Приштина, ако е реално применлив и во согласност со меѓународното право, вклучувајќи ја и можноста за размена на територии.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, вчера навести дека до решение на Косовскиот јазол би можело да се постигне на една меѓународна конференција, еден вид Дејтон два, која би требало да се одржи во мај 2019 година или пред истекот на мандатот на Европската комисија.
Новиот круг на дијалогот на највисоко ниво во Брисел треба да се одржи во петок, на 7-ми септември.