Уште 44 лица на крузерот „Дајмонд принцес“, кој е закотвен во близина на градот Јокохама, се заразени од новиот коронавирус, соопшти денеска јапонското Министерство за здравство.
Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се наоѓаат повеќе од 3.500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што се досега тестирани.
Јапонските власти соопштија дека ќе им дозволат на некои повозрасни патници, кои биле негативни на тестот за коронавирус, да го напуштат бродот пред истекот на карантинот, 19 февруари. Министерот за здравство Кацунобу Като истакна дека тие ќе заминат од бродот уште утре, а останатото време за карантин ќе го продолжат на копно.
Според јапонските медиуми, околу 80 отсто од патниците се над 60-годишна возраст, 215 се на 80-годишна возраст, а 11 лица имаат по 90 години.