Нови 20 милиони евра за системите за наводнување „Лисиче“ и „Јужновардарска долина“

Со изградбата на системот за наводнување ќе се изврши и поврзување на акумулациите Лисиче и Младост и изградба на мали хидроелектрани.

107

Владата на својата вчерашна седница донесе Одлука за пренамена на средства од Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии што ќе се искористат за финансирање на проекти од областа на наводнувањето, што ги спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Станува збор за пари од заем од Владата на Сојузна Република Германија, односно германската кредитна развојна банка KfW.

Новите 20 милиони евра МЗШВ ќе ги искористи за реализација на проектите „Повеќенаменски ХС Лисиче 2 и 3 фаза и Програма за наводнување на јужната вардарска долина фаза 3“.

Овие два проекти од областа на наводнувањето, како што  соопштiМЗШВ, се од исклучително значење за велешкиот и валандовскиот регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подбрување на конкурентноста на земјоделството.

Хидро-системот Лисиче ќе обезбедува вода за пиење за градот Велес и вода за наводнување на околу 5.000 хектари земјоделска површина, техничка вода за потребите на индустријата како и дополнување на акумулацијата „Младост” што се наоѓа блиску до Велес. Дополнително, системот овозможува и искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија.

Овој систем за наводнување ќе опфати речиси 85 отсто од населението во регионот, вклучено во земјоделски активности. Со изградбата на системот за наводнување ќе се изврши и поврзување на акумулациите Лисиче и Младост и изградба на мали хидроелектрани. Вкупната инвестиција е околу 28,5 милиони евра.

Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар – Трета фаза, го опфаќа регионот на системот за наводнување Валандовско поле, што се протега од пумпната станица Страиште, потисниот цевковод и дистрибутивната мрежа во атарот на градот Валандово и населените места Раброво и Честево. Површината опфатена со овој систем е со површина од околу 1.750 хектари. Околу 2.000 лица ќе имаат корист од реализацијата на третата фаза од овој систем за наводнување. Вкупната инвестиција за проектот е околу 9,5 милиони евра. Инаку, за овој проект за втората фаза во тек е тендерската постапка за избор на најповолен изведувач, која што се очекува да биде завршена до крајот на овој месец, по што ќе започне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...