Општините од денеска па се до 17- ти ноември ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од „Програмата за рурален развој“, поточно за „Мерката 124 Инвестиции во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште “, односно реконструкција или пробивање на пристапни патишта до земјоделско земјиште.Ова на денешната прес конференција го соопшти директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Преку оваа мерка, како што рече Бабовски, на располагање се ставени вкупно 10 милиони денари.
– Општините овие средства може да ги користат во капитални инвестиции, за подобрување и олеснување на животот на граѓаните во руралните средини и полесен пристап до нивите. Една единица на локалната самоупрва може да користи максимално до еден милион денари. Со помош на оваа Мерка ќе дадеме значаен придонес во пристапот до нивите и до обработливите површини, што во моментов претставува проблем за земјоделците – рече Бабовски.
Тој ги повика општините да аплицираат за мерката со предлог проекти но ги потсети дека парите општините ефикасно да ги искористат во унапредување на условите за живот на земјоделците како и да им ја олеснат работата на поле.
Доделената финансиска поддршка е неповратна, а средствата кои ќе им бидат доделени општините ќе може да ги користат за набавка на градежни материјали и елементи за конструкција и да платат услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни работи, за изработка на елаборати, за изработка на студии или планска и техничка документација.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на финансирање на завршени инвестиции од страна на корисникот, во висина од 100 отсто од вредноста на одобрените, прифатливи трошоци за инвестицијата.
Парите од финансиската поддршка, по барање на корисникот може да се доделат на две рати, или согласно со фазите на реализација на инвестицијата врз основа на времени ситуации од надзор или документација за набавка на опрема.
Општините треба да достават барање за користење на средства, ревидиран основен проект, геодетски елаборат и согласност за приоритет и намена на инвестицијата одобрени од Советот и од градоначалникот на општината.