Новите технологии треба масовно да се воведуваат и во рударството, а ЕСМ и РЕК Битола како државни компании имаат можност, но и должност да бидат лидери во воведувањето нови технологии, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прослава на денот на рударите во РЕК Битола.
Манчевски потсети дека владината поддршка на рударите и рударството е голема и видлива и дека така ќе биде и во иднина.
– Во земјава има околу 100 активни рудници и тоа ја прави оваа гранка да биде еден од основните столбови во нашата економија. Со цел поддршка на рударството Владата презеде значајни чекори за подобрување на условите за работа, а во РЕК Битола, уште од почетокот на нашиот мандат работиме да обезбедиме одржлива и видлива иднина за комбинатот. Јавно ја потврдуваме поддршката за инвестициските планови на РЕК Битола со што ќе се овозможи стабилност електроенергетскиот систем во Северна Македонија – истакна министерот Манчевски пред битолските рудари.
Според Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ, вложувањата во комбинатите овозможуваат поефикасно производство на електрична енергија.
– Вложуваме да обезбедиме уште подобри услови за работа во РЕК Битола но и во РЕК Осломеј. Посветени сме за да одговориме на потребите за електрична енергија во цела држава. Нашиот план е ремонтите да завршат навреме и во грејната сезона да влеземе подготвени и со зголемен капацитет за производство на електрична енергија. Како компанија во иднина повеќе ќе вложуваме во постоечките, но и во нови капацитети, а ќе вложуваме во обновливи извори на енергија – рече Ковачевски.
Во првите 8 месеци во РЕК Битола Блок-1 испорачал 699.026 мегават часови или 110 проценти од планираното, Блок-2 испорачал 858.743 мегават часа или 122 проценти од планираното и Блок-3 испорачал 672.355 мегават часа или 116 насто од планираното, информира директорот на комбинатот, Златко Ќурчиевски.
– Вкупното производство на испорачаната електрична енергија е 2.230.124 мегават часови и е 16 насто над планираното, а ако кон ова се додадат заштедите во потрошувачката на мазут кои изнесуваат 30 проценти тогаш слободно може да се каже дека РЕК Битола има успешна производствена и инвестициско-еколошка година – нагласи Ќурчиевски.
На прославата по повод денот на македонските рудари поздравна реч имаше и поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан кој заедно со раководството на ЕСМ, РЕК Битола и министерот Манчевски на најдобрите рудари им врачија пригодни награди и им честитаа за постигнатите резултати.