Завршување на автопатот Миладиновци – Штип, повторно интензивирање на работите за автопатската делница Кичево – Охрид, продолжување на изградбата на експресните патишта и бројни рехабилитации на патиштата, се ветувањата на власта за подобрување на сликата за патната мрежа во државата.
На автопатот Миладиновци – Штип ќе се вози по Нова година
На крајот на следниот месец треба да заврши изградбата на автопатот Миладиновци – Штип во должина од 47 километри, за кој градежните работи стартуваа во мај 2014 година. Дел од автопатот, на потегот од Штип до клучката Кадрифаково, веќе се користи со привремен режим на сообраќање на возилата.
Рокот од 31 декември 2018 година, како што велат од Министерството за транспорт и врски, се очекува да се запази. На терен се завршени 93 проценти од планираните работи. Завршени се сите бетонски објекти, како мостови, вијадукти, пропусти, потпорни ѕидови. Останува да се постави уште три километри завршен слој во штипскиот дел кај клучката Три Чешми, како и да се постават еластична ограда и сообраќајна сигнализација. Треба да се направат и технички работи, како хумусирање одредени кривини и чистење на каналите и на трасата. Сите активности се очекува да бидат завршени до крајот на годината, по што се формира независна комисија за технички прием, која го одобрува официјалното пуштање.
Инвестицијата во изградбата на овој автопат изнесува 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската Ексим банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Со изведувачот на работите, кинеската компанија „Синохидро“, беа склучени два анакса на Договорот за изградба, со кои во два наврати се продолжуваше рокот.
Ветена интензивна изградба на автопатот Кичево – Охрид
Надлежните институции ветија и интензивирање на активностите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, по застојот на градежните работи од година и половина. Тоа е еден од клучните капитални проекти од чија реализација, заедно со активностите за пругата кон Бугарија и гасификацијата, се очекува придвижување на состојбите во градежништвото, кое ја завршува годината со најлоши резултати во последните 15 години.
Според податоците на ресорното Министерство и Јавното претпријатие за државни патишта, на автопатот Кичево – Охрид досега се пробиени 95 проценти од трасата. Пробиен е и тунелот под превојот Пресека и завршени се 133 пропусти. Моментно се работи на девет пропусти, 11 потпорни ѕида, пет моста, 23 вијадукти и 12 натпатници и потпатници. Асфалтирани се првиот и вториот слој во должина од 10 километри на левиот коловоз и два километра на десниот коловоз.
За овој проект, со досегашниот договор склучен од претходната влада, се обезбедени 411 милиони евра од кинеската Ексим банка, од каде што исто така ќе се обезбедат и дополнителните 187 милиони евра за изградбата. Таа сума беше утврдена по застојот на работите на проектот поради погрешна проектна документација, нерешена експропријација на земјиштето, недислоцирани објекти и едногодишните преговори со кинески „Синохидро“. Собранието веќе го изгласа Законот за третиот анекс на Договорот за дополнителната цена на автопатот што ќе биде склучен меѓу Министерството за финансии и Ексим банка.
Конкретно, анексот опфаќа подготовка на проектна документација за осум нови клучки, кај Извор, Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеишта, Требеништа, аеродромот и Подмоље, а ќе се препроектира една клучка кај Кнежино. Ќе се проектира и нов алтернативен пат од Врбјани до Арбиново во должина од 4,1 километри, а ќе има и нова проектна документација за рехабилитација на постојниот магистрален пат М4 и усогласување на нивелацијата во должина од 28 километри, како и за нови 12 косини и свлечишта од вкупно предвидени 56 косини.
Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, дополнителни 63 милиони евра ќе се потрошат за изградбата на тунелот кој претходно бил проектиран на земјиште од прва категорија без соодветни геомеханички испитувања, наместо на шеста категорија или карпест дел. За дополнителен широк ископ и санациии на свлечиштата (ублажување косини, потпорни конструкции, армирана земја…), пак, ќе се потрошат 68,7 милиони евра. Новопроектираните патни јазли и алтернативниот пат, според проекциите, ќе чинат 26,5 милиони евра, а 11 милиони евра за планираните активности за одводнување, електрични инсталации и вентилациски систем во тунелот, дополнителни мерки за заштита на усеците и за осветлување и сообраќајна сигнализација на патните јазли.
Претходно, Владата склучи втор анекс на Договорот со кој беа ослободени 205 милиони евра од првично земениот кредит од 411 милиони евра од Ексим банка, а со кој веќе се работи на тунелите, косините, мостовите и потпатниците.
Новиот рок за овој автопат е средината на 2021 година, а вкупниот износ на инвестицијата со сите анекси изнесува над 600 милиони евра. Во изградбата на автопатот се ангажирани 840 работници и 372 градежни машини.
Проектна документација за нови автопатски делници
Веќе подолго време се најавува нова автопатска делница од Гостивар до Кичево во должина од 42 километра, која ќе се гради во три фази. За првата фаза од Кичево до Букојачани се изработува основен проект за изградба, а за втората, од Букојачани до Горна Ѓоновуца, се очекува да се обезбеди грант за проектирање од ВБИФ, рамка на ЕУ исто како ИПА за проекти наменети за Западен Балкан. Веќе се обезбедени 2 милиони евра за проектирање на третата фаза од Горна Ѓоновица до Гостивар. Откако ќе заврши целосното проектирање ќе се знае колку ќе чини проектот. Остварени се начелни разговори со ЕБОР за финансирање на овој проект, но заради големината најверојатно финансирањето ќе се комбинира и со други меѓународни финансиски институции.
Според најавите, набрзо треба да се заокружи и препроектирањето на автопатот Скопје – Блаце во должина од 12 километри. За препроектирањето веќе се обезбедени пари од Европската Унија. Проектантите доставиле методологија за изработка на проектна документација и таа е во процедура на одобрување. Предвидено е автопатот да се гради во две фази. Од ГП Блаце до селото Блаце во должина од два километра, со финансии од буџетот на ЈП за државни патишта, а останатиот дел преку ЕБОР и грант-средства од ВБИФ на ЕУ. За проектот ќе се бараат 26,5 милиони евра и е во приоритетните со ревидираната листа на проекти што ја усвои Владата на вчерашната седница, на која листа се и инфраструктурните зафати за реконструкција на патната делница Крива Паланка – Деве Баир, изградбата на граничниот премин Табановце, како и гасоводната интерконекција со Грција.
Активности за експресни патишта
Во наредниот период на терен треба да продолжат и работите за изградба на експресните патишта. На патот Штип – Радовиш има 17 проценти физички прогрес на работите на првата фаза на потегот од Три Чешми до Штип. За втората фаза од Бучим до Радовиш се врши евалуација на понудите. Тој пат вкупно чини 47 милиони евра.
За експресниот пат Градско – Дреново за првата фаза физичкиот прогрес на работите изнесува пет проценти, а за втората фаза од Дреновска до Фаришка Клисура има прогрес од 22 процента. За вториот дел, според ресорното Министерство, е можно продолжување на рокот заради третирање археолошки наоѓалишта, неусогласеност на проектната документација со реалната состојба, недостатоци во проектната документација, непредвидени геолошки услови, еколошки ограничувања… За третата фаза од Прилеп до мост на Ленишка Река со која ќе се гради и трета лента од селото Беловодица до каменоломот Маврово веќе е изработена и треба да биде одобрена тендерската документација. Инвестицијата на целиот пат изнесува 63 милиони евра.
Прогрес од 43 проценти има на експресниот пат Штип – Кочани, на првата фаза од Штип до Крупиште во должина од 14 километри, која ќе чини 15 милиони евра. За втората фаза Крупиште – Кочани, долга 13 километри, се врши евалуација на пристигнатите понуди и за изградбата ќе бидат потрошени 27 милиони евра.
Почнати се градежни активности и за експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, кој исто така се гради во две фази, Крива Паланка – Длабочица и Длабочица – Чатал. За тој пат се планирани 58,5 милиони евра.
Според најавите, следната година е планирана и реконструкција со рехабилитација и доградба на една лента на патот Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри, за што се одвоени 12 милиони евра.
По мерењата на состојбата на патиштата што беа направени во соработка со Светска банка се утврдени 12 најоштетени делници, кои ќе се поправаат во наредниот период со 14 милиони евра. Тоа се патиштата Младо Нагоричани – Пелинце, во должина од 10 километри, Куманово – Свети Николе исто така 10 километри, потоа Тетово – Попова Шапка, Јурумлари – Драчево, Битола – Демир Хисар, Драчево – Орешани, Делчево – Ѕвегор, Делчево – Пехчево, Берово – Виница, како и Струмица – Ново Село, Кавадарци – Росоман и Фурка – Богданци – Гевгелија.
Со 86-те милиони евра што беа пренаменети од стопираните проекти за патиштата Струга – Требеништа и Охрид – Пештани ќе се реконструираат 26 патни правци.
Автор: Лидија Велковска