НОВИ АПСУРДИ Решила ли Владата да им стави клуч на спортските обложувалници?

Откако претходно се соочија со најави за зголемување на постоечките лиценци и банкови гаранции и со нови нелогични ограничувања, во почетокот на април обложувалниците се соочија со најава на сосема нови месечни давачки и сега оправдано страхуваат дека сево ова води кон принудно затворање на бизнисот.

8138

Со воведувањето дополнителен минимален паушал на постоечките 23%, практично се планира да се зголемат посебните давачки на спортските обложувалници кон државата за фрапантни 35 до 40 отсто, алармира Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) како засегнатa, коментирајќи ги новите предложени измени во Законот за игри на среќа и за забавните игри, обелоденети на 5 април годинава.

Членките на оваа асоцијација вработуваат околу 3.000 луѓе и преку 1.500 останати индиректни вработени кои се на некој начин вклучени во оваа индустрија и егзистираат од неа. Соочени со претходно најавените зголемени лиценци, гаранции, казни и воведено минимално растојание од образовни установи, обложувалниците предупредија дека ќе треба да затворат преку 30 отсто од своите објекти, да отпуштат вкупно преку 1.000 вработени (посебно во помалите места), а приходите што од компанијата се слеваат во Буџетот на РМ ќе се намалат за 20-30 отсто. Сега, со воведувањето нови и нелогични давачки, веќе се заканува опасноста од целосно принудно згаснување на овој бизнис.

За што станува збор?

Во членот 23 од предлог-законот со кој треба да се измени и дополни постоечкиот закон, се предвидуваат измени во начинот на пресметка на месечните посебни давачки од игри на среќа во обложувалница, односно дополнително воведување на екстремно голем, а т.н. „минимален праг“ од 1.600 евра по уплатно-исплатно место на месечно ниво, паралелно со посебната давачка од 20 отсто плус 3 отсто за спорт, од бруто-приходот (разлика од уплата и исплата), која е предвидена во сегашното законско решение.

Математиката покажува дека „минималниот праг“, поради висината, всушност ќе биде и максимален. АСОМ бара целосно да се отфрли новата давачка од предлог-законот, бидејќи таа практично ги крева месечните давачки за фрапантни 35 до 40 отсто во споредба со сегашните. Доколку, пак, се инсистира на воспоставен минимален праг, треба да се предвиди навистина реална минимална давачка, која е математички поткрепена, неколкукратно помала од предложеното.

АСОМ не е воопшто консултирана и известена за законските промени што се подготвуваат. Инаку, посебната давачка што и досега ја плаќаат приредувачите на посебни игри на среќа во обложувалница (вкупно 23 отсто од бруто-приход) е една од највисоките можни давачки во Европа, за било кој правен субјект во било кој бизнис-сегмент.

Државата зема речиси една четвртина од вкупниот приход на спортските обложувалници, а од остатокот се исплаќаат плати и придонеси на вработените, кирии, режиски трошоци, трошоци за редовно одржување, логистика, инвестиции, лиценци, софтверски решенија итн. Профитите на компаниите кои гравитираат во овој бизнис сектор се сведуваат на 1 до 2 отсто од вкупната уплата, а понекогаш профитите се мерат во промили, во зависност од резултатите на натпреварите во текот на годината.

Поради сегашната жестока давачка кон државата, нето-профитите на компаниите од оваа дејност во минатите години континуирано опаѓаат, што придонесе за згаснување на неколку бренда и за прикажани загуби кај останатите.

Паралелно со воведувањето на новата давачка, во предлог-законот се предвидува двојно до тројно зголемување на давачките за лиценци со воведување на принцип на дополнителни лиценци за секои нови 50 уплатно-исплатни места, зголемување на банковите гаранции од 300.000 евра на 500.000 евра, и тоа по поединечна лиценца, двојно зголемување на казнените одредби и жестоки нови надоместоци на име на проценка на ризик од Управата за финансиско разузнавање.

– Легитимно се поставува прашањето – велат во АСОМ – која е интенцијата, односно целта на овие промени? Тие не одат во прилог ниту на приредувачите, ниту во прилог на државниот буџет, ниту во прилог на играчите, односно граѓаните.

Дали државата, поради нејасни причини, решила да им стави клуч на спортските обложувалници и со тоа да се откаже од буџетски приход од околу 20 милиони евра годишно?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...