Германскиот новинар со турско потекло Дениз Јуџел тврди дека турски полициајци го малтретирале додека се наоѓал во затвор со висок степен на безбедност во близина на Истанбул.
Како што јави ДПА, во пишаната верзија на неговата изјава доставена денеска до Суд во Берлин, дописникот на германскиот весник „Ди Велт“ тврди дека бил удиран, клоцан, понижуван и малтреиран во затворот Силиври.
Едногодишното држење во затвор на Јуџел без писмено обвинение, предизвика сериозна дипломатска криза меѓу Берлин и Анкара. Тој беше ослободен во февруари 2018 година.
Турските власти го товарат новинарот по неколку обвиненија, вклучително и за ширење пропаганда на терористичка организација.
Турскиот суд се согласи Јуџел да сведочи пред судија во Германија, наместо во Турција.
Јуџел во сведочењето го обвини турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека е одговорен за третманот на кој бил изложен во затворот:
– Можеби по директна наредба на турскиот претседател или негови блиски соработници, но во секој случај тоа е сторено како дел од клеветничката кампања што ја водат против мене – тврди новинарот.