Претседателот на загрепскиот огранок на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Горан Мараш нареди отстранување на новинари на ХРТ од неговата прес-конференција.
Мараш, со извинување ги замоли новинарите да ја напуштат прес-конференцијата, согласно, како што наведе, одлучата на неговата партија за бојкот на хрватскиот јавен сервис до големиот новинарски протест, кој ќе се одржи на 2 март во организација на Хрватското новинарско здружение (ХНЗ).
– Не е до вас лично, јас се извинувам, но се приклучивме на бојкотот на ХРТ. Ние едноставно се придруживме на акцијата на ХНЗ, која трае до сабота 2 март, дотогаш не даваме изјави за јавниот сервис. Со тоа протестираме против, според нас, најлошиот јавен сервис во Европа – изјави Мараш, додавајќи дека ХРТ не е ни повикана на прес-конференцијата и оти најверојатно од телевизијата дошле откако ја виделе најавата на ХИНА.
Триесет здруженија на граѓанскиот сектор соопштија претходно дека до новинарскиот протест, закажан за 2 март под мотото „Не го даваме новинарството!“, нема да учествуваат во програмите на ХРТ, ниту ќе даваат изјави за таа телевизија, во знак на поддршка на тужените новинари и медиуми.
На бојкотот се придружија и повеќе невладини организации, партии и поединци, како Амстердамскатата коалиција, СДП, партите Можеме и СТАРТ, Работничкиот фронт и Самостојната демократска српска партија (СДСС).