Новинарите во Бања Лука бараат да се реши случајот со нападот на новинарот Ковачевиќ

65
ФОТО: МИА

Новинарите во Бања Лука повторно ги повикаа надлежните органи да го расветлат случајот со физичкиот напад на новинарот на телевизијата БН Владимир Ковачевиќ, укажувајќи дека се незадоволни од досегашната истрага.

На денешниот протестен собир тие истакнаа дека се уште не е распишана меѓународна потерница за вториот напаѓач Недељко Дукиќ, кој е осомничен дека со боксерот Марко Чолиќ, кој моментaлно е во притвор, го претепале Ковачевиќ.

– Иако според извори од полицијата е познато дека осомничениот Дукиќ е вон границите на БиХ, Окружниот суд одбива да распише потерница. Малку веруваме во нивната желба овој случај да се доведе до крај, да се откријат налогодавачите и мотивите за нападот врз колегата Ковачевиќ – изјави претседателот на Клубот на новинари на Бања Лука Синиша Вукелиќ.

Тој истакна дека не верува оти полицијата има волја и желба да го реши овој случај.

Во тоа се сомнева и Владимир Ковачевиќ.

– Не верувам дека некогаш ќе се расветли овој случај, дека ќе се откријат нарачателите, затоа што факт е дека до сега требаше да има официјални информации. Најмногу буни тоа што нема никакви информации од Окружното јавно обвинителство на Бања Лука, со оглед на тоа колкаво внимание предизвика овоj случај – рече Коваќевиќ.

Според него, проблематично е и што не е распишана меѓународна потерница.

– Извршителите се повеќе или помалки важни, но многу е важно да се откријат вистинските мотиви и нарачатели. Имам некои информации, но не можам се уште да ги објавам – рече Ковачевиќ.

Владимир Ковачиќ беше физички нападнат на 26 август во бањалучката населба Обилиќево, пред зградата во која живее.

Полицијата на Република Српска претходно соопшти дека ќе биде распишана потерница по Недељко Дукиќ (27) од Кнежево поради сомневање дека заедно со боксерот Марко Чолиќ (31) учествувал во обидот за убиство на Ковачевиќ. Поради истрагата која е во тек, како што наведоа, не можат да откријат повеќе детали.

– Додека не се уапси вториот напаѓач, не се откријат нарачателите и мотивот за овој брутален напад и додека целиот случај не добие правичен судски епилог, Клубот на новинари нема да го смета овој случај за завршен – соопшти Клубот на новинари од Бања Лука.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...