Со Фискалната стратегија за 2020-2022 година што ја усвои Владата на денешната седница се очекува нагорна ревизија на проекцијата за економски раст за годинава на 3,5 проценти. Трендот на растот на БДП се очекува и во 2020 година и се позиционира на 4,2 процента, за во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне пет проценти.
– Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија, и врз основа на реалните показатели од неа, како и од континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година, се очекува нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5 проценти. Трендот на растот на БДП се очекува и во 2020 година и се позиционира на 4,2 процента, за во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне пет проценти – информираше владината прес-служба.
Владата ја усвои Фискалната стратегија на предлог на Министерството за финансии. Тоа е стратешки документ кој се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.
Од Министерството за финансии на владината седница информирале и за подготовките за одржување на годишната средби на Холандската конституенца во рамки на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, што ќе се одржи од 21 до 23 следниот месец во Скопје и Охрид.
Средбите се настан на високо ниво кој се одржува еднаш годишно во една од петнаесетте земји членки на Конситуенцата. Во Скопје и Охрид ќе пристигнат директори на ММФ и на Светска Банка, како и министрите и гувернерите на народните банки на сите 15 земји членки од Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Украина, Холандија, Хрватска и Црна Гора, најавија од Владата