Слободен коридор во траење од 24 часа за приоритетната стока што се извезува од Македонија, со дополнителна лента за движење, се воведува од денеска на граничните премини Табановце и Богородица.
Ова го предвидува новиот Протокол за побрз проток на стоки, што го потпишаа денеска директорите на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски.
Се очекува за извоз на жива стока, стока во свежа состојба, опасни материи, двојно да се намали чекањето на граница, односно тоа да биде максимум до час и половина.
– На барање на деловната заедница слободниот коридор е во функција 24 часа. Слободниот коридор ќе може да се користи и за стоката во новиот компјутеризиран транзитен систем, а транзитните документи да се отвораат и во внатрешните испостави за да можат што побргу да ја поминат граничната линија – изјави по потпишувањето на протоколот Танасоски.
Директорот на Биторто за јавна безбедност, Велковски ја појасни улогата на полицијата во постапката.
– Наша обврска ќе биде и при влез заедно со царинските службеници да се овозможи приоритетно движење на граничната линија до царинските терминали на возилата на дополнителна лента. За таа цел во МВР сме подготвени да го зголемиме бројот на полициски службеници на граничните премини за да бидеме поефикасни во спроведувањето на протоколот – информира Велковски.
Досегашниот протокол овозможуваше приоритетно пропуштање на возилата само четири часа и тоа од 21 до 01 часот.