Новата гувернерка денеска ќе ја преземе функцијата

Анита Ангеловска - Бежоска беше избрана вчера од страна на Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. За неа гласаа 81 пратеник, воздржани и против немаше.

347

Новоизбраната гувернерка на Народната банка на Република Анита Ангеловска – Бежоска денеска ќе ја преземе функцијата од досегашниот гувернер Димитар Богов.

Примопредавањето на функцијата ќе се изврши во Народната банка на Република Македонија.

Анита Ангеловска – Бежоска беше избрана вчера од страна на Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. За неа гласаа 81 пратеник, воздржани и против немаше.

Ангеловска-Бежоска е петти гувернер на НБРМ и прва жена на оваа позиција. Доаѓа од вицегувернерското место во Банката, на кое беше реизбрана лани во септември.

Претседателот Ѓорге Иванов ја предложи Ангеловска-Бежоска за гувернер на НБРМ откако претходно предложениот Димитар Богов се повлече од кандидатурата, под влијание на реакциите и роковите за избор на гувернер.

Иванов во својот предлог посочи дека Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на НБРМ, е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.

Ангеловска-Бежоска осум години беше на функцијата вицегувернер во НБРМ задолжена за областите монетарна политика, истражување и статистика.

Од  2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани меѓу фондот и земји-членки. Од 1996 до 2004-та таа работела во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од  стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор  до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.

Гувернер на НБРМ во последните седум години беше Димитар Богов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...