Ник Ејерс можен нов шеф на кабинетот на Трамп

105

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го именува првиот човек на канцеларијата на неговиот потпретседател Мајк Пенс, Ник Ејерс за нов шеф на кабинетот на Белата куќа, објави телевизијата Еј-Би-Си Њуз, повикувајќи се на неименувани извори.

Според телевизијата, можно е Ејерс да го замени досегашниот шеф на Кабинетот на Трамп, Џон Кели, кој се очекува да се повлече до функцијата во следните неколку недели.

Истите извори, наведуваат дека во игра за наследник на Кели е и актуелната секретарка за државна безбедност на САД, Кирстен Нилсен, која важи за негов пулен. Нилсен стана американска секртерака за државна безбедност, откако Кели ја напушти таа функција и дојде на сегашната позиција.

Еј-Би-Си наведува дека ваквата можност сепак е малку веројатна имајќи предвид дека неименувани извори од Белата куќа претходно денеска соопштија дека Трамп планира да ја смени Нилсен од местото секретарката за државна безбедност, незадоволен од нејзината работа во спроведување на имиграцискиот план.

Трамп неделава го одложи планираниот пат со Нилсен за посета на американските војници распоредени на границата на САД кон Мексико во јужен Тексас.

Според истиот извор, Трамп на своите помошници им рекол дека сака Нилсен што побрзо да ја напушти функцијата.

Американскиот претседател со месеци изразува незадоволство од работата на Нилсен во спроведување на миграцискиот план.

Претставници на Министерството за државна безбедност одбија да го потврдат потенцијалното заминување на Нилсен.

– Актуелната секретарка на државна безбедност е посветена на спроведување на претседателската програма за безбедност, која е насочена на заштита на Американците од сите закани и ќе продолжи да го прави тоа – истакна портпаролот на Министерството Тајлер К. Холтон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...