Царинската управа чека дополнителни податоци од авторот на Извештајот на европската Царинска унија за тврдењето дека лани 60,48 отсто од фалсификуваниот алкохол кој требало да заврши на европскиот пазар потекнува од земјава.
Министерствата кои се задолжени за економијата и земјоделството, како и Владата сѐ уште не ја коментираат информацијата и топката си ја префрлаат едни на други.
Земјава како извозник на фалсификуван алкохол во извештајот на ЕК се јавува за прв пат, но се посочува како земја од која има пораст на извоз на фалсификуван алкохол, Покрај неа се споменуваат уште Молдавија и Албанија со многу помало учество.
– Моментално чекаме дополнителни податоци од авторот на извештајот за тоа од каде се црпени податоците и за колку заплени станува збор – велат од Царинската управа од каде што најавуваат подетална информација откако ќе добијат детали за тврдењето.
За колкави количини фалсификуван алкохол станува збор и кои брендови биле фалсификувани не може да се види од европскиот извештај, но не знае ниту Царината во земјава.
Од Царината меѓутоа информираа дека имаат добра соработка со застапниците на носителите на правата од интелектуална сопственост и дека е формирано Координативно тело за интелектуална сопственост кое обезбедува координиран пристап кон политиката за интелектуална сопственост, организира меѓуинституционални рации (акции) за запленување фалсификувани стоки и спроведува кампањи за подигање на јавната свест за придобивките од заштитата на правата на интелектуална сопственост.
– Царинската управа и Ко-оперативното друштво РЕАКТ од Холандија неодамна склучија Меморандум за соработка за заедничко зајакнување и формирање на поволни услови за усогласување и забрзување на соработката која се однесува на заштитата и спречување на увозот, транзитот, извозот, продажбата и производството на производи кои ги повредуваат правата од интелектуална сопственост на членките на РЕАКТ – додаваат оттаму.
Плусинфо побара став од Владата, вицепремиерот за економски прашања, Министерствата за економија и за земјоделство, но одговорите беа дека според надлежностите некое друго Министерство треба да ги даде одговорите или тоа е Царинската управа.
Од адвокатското друштво Пепељугоски кое застапува компании во областа на интелектуалната сопственост, велат дека во текот на 2018 година немалe случај на повреда на правата од интелектуална сопственост за алкохолни пијалоци. Последниот случај бил во 2016 година и не се работело за фалсификат од производител од земјава туку бил фалсификуван македонски производ.