Николовски: 7,7 милиони евра инвестиции преку ИПАРД 2

Има проекти доставени од Македонска Каменица, Крива Паланка, Маврово-Ростуше, Визбегово, Крушево….

242

Изградба на фотонапонска централа, набавување на опрема за ветеринарна станица, опрема за производство на сокови, пчеларство, изградба на објекти за преработка на метал се само дел од 24 проекти за кои денеска беа потпишани договори од мерката седум од ИПАРД 2 програмата. Вредноста на договорите е 7,7 милиони евра, а ќе се финансираат инвестиции во руралните средини. Има проекти доставени од Македонска Каменица, Крива Паланка, Маврово-Ростуше, Визбегово, Крушево….

–  Сите овие типови на инвестиции се наменети за руралните средини односно селата и тука спаѓаат инвестиции во мали преработувачки капацитети, во рурален туризам, производство на сточна храна и ѓубриво, отворање на градинки, старечки домови, кина во селата, капацитети за сместување и друго. Поточно со еден збор, оваа мерка е важна за поттикнување на агробизнисти во руралните средини кои ја поттикнуваат економската активност, а истовремено ќе ги подобрат условите за живот во руралните средини – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Никиловски.

Мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ има широка примена и нуди поддршка за кофинансирање на најразлични инвестиции во земјоделството.

Во текот на неделава во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе бидат потпишани и останатите договори.

Од друга страна, за мерката три од ИПАРД програмата што се однесува на преработувачките капацитети досега во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се пристигнати 65 апликации со побарани 15,9 милиони евра средства за нивно кофинансирање.

– Агенцијата веќе ги спроведува сите мерки за нивна обработка и за многу краток временски период ќе бидат известени сите апликанти за текот и евентуалните дополнувања на нивните апликации – изјави директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...