Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, оствари работна средба со генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации – ФАО, Хозе Грацијано да Силва, на која било разговарано за работата на техничките групи на МЗШВ и подготовката на програмската рамка на ФАО за Република Македонија за периодот 2018-2020 година.
Средбата е во рамки на меѓународната министерска конференција за „Значењето на пчелите и другите опрашувачи за одржливо земјоделство и безбедност на храна“, што се одржува во Брдо при Крањ, Република Словенија.
Министерот Николовски, како што информираат од МЗШВ на средбата потенцирал дека после десет години, МЗШВ ќе назначи свој постојан претставник во мисијата на ФАО во Рим.
Програмската рамка на ФАО за Република Македонија за периодот 2018-2020 година, како што информираат од МЗШВ, треба да се потпише за време на 10-тата регионална конференција LANDNAT која ќе се одржи во Скопје од 19-21 Јуни, а со што се идентификуваат областите за кои ФАО ќе обезбеди техничка и финансиска помош за Република Македонија.
Генералниот директор Хозе Грациано да Силва изразил силно уверување дека ФАО ќе се вклучи активно и ќе ги ангажира сите свои капацитети како главен партнер на МЗШВ при отпочнување на преговорите со Европската унија и отворање на поглавјата за земјоделство, рурален развој и безбедност на храна.
Дополнително, тој ја презентирал и финансиската рамка за Зелениот климатски фонд чија вредност е 250 милиони евра.
Оваа иницијатива е приоритет за МЗШВ и Република Македонија ќе се најде во портфолиото на овој фонд со свои проекти за справување со климатските промени и редуцирање на нивното штетно влијание врз земјоделското производство.
На средбата, како што се вели во соопштението од МЗШВ, генералниот директор на ФАО го поканил министерот Николовски да присуствува на Комитетот за земјоделство на ФАО кој ќе се одржи во октомври во Рим со што после долг период Република Македонија ќе добие важна и активна улога во изработување и донесување на идните земјоделски политики на светско ниво.
Со финансиска помош на ФАО во соработка со МЗШВ во тек се повеќе проекти, како проектот за консолидација на земјоделското земјиште, проектот за „Проценка на земјоделското производство преку агро-еколошко зонирање и информативен систем за управување со земјишни ресурси – Реонизација“, проект за дрвна енергија, проект за „Развој на зелен и компетитивен сектор за бројлери кој придонесува кон намалена сиромаштија и подобрена исхрана на населението”, проект за проценка на методологијата за спроведување на национален инвентар на шумите, кои се од исклучително значење за развојот и модернизирањето на македонското земјоделство.