Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на отворањето на новата производствена линија за мрзнење на овошје и зеленчук на фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Ксенос“, во Демир Хисар.
Новата производствена линија на оваа компанија е изградена со кофинансирање од ИПАРД 2 Програмата, односно вкупната инвестиција е над 900.000 евра , од кои 470.000 евра се сопствена инвестиција, а 430.000 евра се обезбедени од ИПАРД II програмата, преку мерката Инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи.
– Ме радува што домашните се охрабруваат за инвестиции кои најмногу значат за развојот на агро-секторот, особено кога при тоа се користат и расположливите финансиски средства од европската ИПАРД Програма. Преку вакви производствени капацитети овозможуваме да се зголемува откупот на земјоделските производи, добиваме производи со додадена вредност, се зголемува извозот на земјоделско-прехранбени производи и истовремено се отвораат нови работни места. Ова е и целта на политиките на Владата на Република Македонија и мерките кои што ги преземаме во овој период – изјави министерот Николовски.
Се работи за компанија која 25 години работи во областа на мрзнење на вишни, пиперки и сливи , сушење и пакување на шумски печурки и за преработка на овошни производи за чоколадна индустрија, како и за производство на овошен алкохол , а чие што производство 90 отсто е насочено кон извоз на европските пазари.
МЗШВ ја препознава економската важност на ваквите инвестиции. Во тој контекст, постојано се работи на јакнење на административните капацитети во процесите на подготовка и евалуација на потребната документација при аплицирањето за средства од ИПАРД фондовите . Оваа година ќе бидат објавени нови повици на кои индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка. Заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се преземаат мерки за создавање на поволни услови и полесни административни процедури за потенцијалните корисници и се надеваме на што поголема искористеност на европските фондови, а целта е да се зголеми портфолиото на мерки кои ќе бидат финансирани со ЕУ фондови и ќе бидат достапни до македонските земјоделци и агробизнисмени.