Изготвување стратегија за сигурен пласман на производството и реализација на капитални инвестиции посебно во преработувачката индустрија и водостопанството, се приоритетните активности на годинашната агенда на Министерството за земјоделство.
Како што вели во интервју за МИА ресорниот министер Љупчо Николовски, за вложувања во преработувачки капацитети се планирани над 1,7 милијарда денари, или околу 148 милиони повеќе од лани, кога за оваа намена беа проектирани 1,6 милијарда денари, a ќе почне и изградбата на браната за Оризарска Река, инвестиција вредна 30 милиони евра, за што е веќе издадено одобрение.
Според министерот, поканата за членство во НАТО и владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес предизвикаа голем инетерес кај странските инвеститори за изградба на откупно-дистрибутивни центри. Тие, вели, веќе ги препознаваат можностите и поволните услови за инвестиции во македонското земјоделство.
Министре Николовски, зад нас е 2018 година. Беше доста турбулентна, но, сепак, каква е Вашата оценка? Со какви сè проблеми се соочи македонското земјоделство?
Земјоделството е комплексен сектор поради што заслужува сериозен пристап и системски мерки што ќе овозможат услови за негово унапредување. Од една страна, развојот на земјоделството е условен од владините мерки и од пазарните услови на домашен терен и од опкружувањето, но, од друга страна, тука се климатските промени кои изминатите години имаат сè поголемо негативно влијание врз земјоделското производство. Од аспект на климатските услови оваа година беше тешка, поради што земјоделците се соочија со големи загуби во производството. Но, не само во Македонија, условите беа лоши и во регионот, што пак влијаеше врз пазарот кај нас. Ова доведе до намалување на откупните цени кај дел од земјоделските производи и отежнат пласман.
Како Влада и ресорно Министерство имавме обврска да им излеземе во пресрет на земјоделците. Во годината што измина донесовме неколку интервенти мерки/дополнителни субвенции што дадоа ефект. Ја зголемивме субвенцијата за предадени домати од три на седум денари за килограм и се постигна договор вишокот домати да го откупат преработувачките капацитети. Со цел стабилизирање на откупот донесовме и дополнителна субвенција од еден денар за грозјето од сортите „вранец“ и „смедеревка“, за стабилизирање на пазарот на сливи се донесе субвенција од два денара за килограм откупени сливи за правните лица откупувачи. Сет мерки донесовме и за растителното производство, односно за пченицата, за да овозможиме рентабилно производство и конкурентна мелничка индустрија.
Лошите временски услови придонесоа за намалување на квалитетот на родот индустриски јаболка. И тука интервениравме. Воведовме нова дополнителна субвенција од три денари. Досега се откупени околу 40.000 тони индустриско јаболко. И она што е најново, е дополнителната субвенција од пет денари за килограм произведена и предадена арпа, мерка донесена поради нарушениот баланс меѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена.
Секако дека дополнителните субвенции не се долгорочно решение за проблемите што се јавуваат со пласманот на земјоделски производи. Веќе работиме на стратегија за долгорочно решавање на овој проблем и обезбедување сигурен пласман. Во однос на климатските промени, факт е дека не можеме да влијаеме и да ги спречиме, но како ресорно Министерство имаме обврска за преземање мерки што ќе придонесат за ублажување на негативните последици. Со ФАО обезбедивме поставување агрометеоролошки станици кои даваат прецизни податоци за временските услови, за да можат навреме земјоделците да ги преземат потребните мерки.
Кои прашања и натаму остануваат горливи?
Како министер за земјоделство искрено би сакал да нема и верувам дека со сите политики што ги водиме нема да има, како што велите, горливи прашања. Пласманот беше проблем во 2018 година, но интензивно преку различни мерки работиме да создадаме услови за сигурен откуп на земјоделските производи. Затоа во 2019 година фокусот го ставаме на поддршка на преработувачката индустрија како заокружен процес. Преку Програмата за рурален развој ќе има средства за почеток на системско решавање на овие проблеми и поддршка за инвестиции во преработувачки капацитети. Во 2019 година вкупната сума за оваа програма е зголемена за околу 148 милиони, односно планирани се над 1,7 милијарда денари, за разлика од 1,6 милијарда денари во 2018 година.
Исто така, на располагање се и мерките од ИПАРД 2 за нови преработувачки капацитети и инвестиции во опрема. Во тек е новиот јавен повик за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Во тек е и повикот за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2-програмата. Овој повик им овозможува на земјоделските стопанства широк спектар на инвеситции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и во инфраструктурни зафати. Од средствата што ќе бидат кофинансирани, 75 отсто ќе бидат обезбедени од ИПАРД-програмата, а 25 отсто од Буџетот на РМ. Вкупната финансиска поддршка за овој јавен повик е близу 12 милиони евра. Крајниот рок за поднесување на барањата е 9 февруари 2019 година.
ИПАРД-програмите се од исклучителна важност за развојот на македонското земјоделство и вклучуваат мерки што директно им помагаат на нашите земјоделци. Затоа, со предлог-буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 на 151 милион денари.
Од друга страна, почнавме со интензивна објава на огласи за давање државно земјоделско земјиште под закуп, со што очекуваме од секоја педа земја да има производство. Како позначаен ќе го издвојам последниот јавен оглас за давање под закуп над три хектари државно земјоделско земјиште кој е со поинаков конпцепт. Конкретно, на понудените локации, освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис-план за преработувачки капацитети. Рокот за аплицирање е до 17 јануари 2019 година, а предмет на огласот се повеќе атрактивни локации во државата. За ваков тип оглас се одлучивме по низата комуникации и анализи на терен што покажаа дека ова е еден од начините како да создадеме услови за обезбедување сигурен пласман преку инвестиции во преработувачки капацитети.
Со овој оглас се објавени над 1.420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои, освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи: винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство. Со огласот ќе бидат опфатени 23 земјишни атрактивни парцели во 13 региони: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Св. Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга. Ваквите типови огласи ќе обезбедат не само раст на капиталните влогови во земјоделството туку и производство на финални производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на странскиот пазар, решавање на проблемите со откупот и вишоците што се јавуваат преку инвестиции во преработувачки капацитети, отворање нови работни места, економски развој на регионите. На огласот што ќе биде по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
Паралелно, поддршка за решавање на овој проблем имаме и од нашите меѓународни партнери. Со Европската Унија работиме на стратегија за инвестиции во откупни центри, односно на проект што ќе значи многу за поврзување на земјоделците со откупувачите.
Би напоменал дека добивањето на покната за членство во НАТО и политиките на Владата во однос на забрзување на евроинтеграцискиот процес предизвикаа голем интерес кај странските инвеститори за изградба на откупно-дистрибутивни центри. Тие веќе ги препознаваат можностите и поволните услови за инвестиции во македонското земјоделство. Интензивно работиме и на изнаоѓање нови пазари за македонските земјоделски производи, како и на поддршка за промоција на македонските производи на меѓународните саеми за што годинава се издвоени повеќе од 550.000 евра.
Кои ќе бидат приоритетите годинава? На што ќе се фокусирате со оглед дека, како што и сам рековте, земјоделството е комплексен сектор?
Премиерот на Владата, Зоран Заев, најави дека оваа, 2019-та, ќе биде година на економијата. Во тој контекст и земјоделството ќе има свој придонес.
Годинава ќе се насочиме не само кон поддршка на примарното земјоделство, туку и кон инвестиции во преработувачката индустрија, изградба на нови капацитети и проширување на постојните. Ваквата политика што ја планираме ќе овозможи не само решавање на пласманот, туку и производство на финални производи со повисока додаена вредност кои ќе можат да бидат конкурентни на странските пазари, но и отворање нови работни места, што крајно ќе придонесе за економски развој на регионите.
Освен јавните огласи за давање државно земјоделско земјиште под закуп, капиталните влогови ќе ги зголемуваме и преку инвестиции во водостопанската инфраструктура. Дел од капиталните инвестиции во водостопанството ги почнавме во 2018 година – изградбата на браната Конско во Гевгелија вредна 40 милиони евра и системот за наводнување Равен-Речица во полошкиот регион инвестиција во износ од 15 милиони евра. Нивната реализација продолжува и во 2019 година. Во 2019 година планираме повеќе пари и за проектот наводнување на јужната долина на реката Вардар, за што наскоро ќе следува и потпишување договорот со изведувачот. Реализацијата на овој проект ќе овозможи наводнување на околу 2.000 хектари земјоделска површина во валандовскиот регион. Дополнително за овој проект се обезбедени уште 20 милиони евра од германската KFW банка за изградба и на третата фаза со која се опфаќа наводнување за уште 1.700 хектари.
За првата фаза од изградбата на хидросистемот Злетовица предвидовме 3,5 милиони евра, со цел околните општини Лозово, Карбинци, Свети Николе, Штип и Пробиштип да ги поврземе на овој систем и да овозможиме продолжување на изградбата на хидросистемот во овој регион за наводнување на уште 5.000 хектари во Велес и Чашка.
Лани почна реализацијата на најголемиот капитален проект на Министерството за земјоделство вреден 40 милиони евра, а тоа е изградбата на браната Конско во Гевгелија. Градежните активности се одвиваат интензивно, а проектот ќе се реализира во следните неколку години. Оваа брана ќе овозможи да се изгради систем за наводнување на 8.000 хектари плодно земјиште.
Во 2019 година почнува изградбата на браната за Оризарска Река, инвестиција вредна 30 милиони евра, за што е веќе издадено одобрение за градба. Паралелно тече реализацијата на проектот финансиран од Европската Унија за изградба на мали еколошки системи за наводнување. Од мапираните 80 точки, одредивме 10 најприоритетни од кои веќе кај три изградбата е почната, тоа се системот во Славишко Поле, системите за наводнување во Струмица и во Кичево.
Овие политики за капитални инвестиции во водостопанството и во преработувачката индустрија, искомбинирани со мерките во делот на земјишната политика и континуираната поддршка за примарното производство, очекуваме дека ќе дадат силен придонес во развојот на земјоделството и крајно, врз вкупниот економски раст на државата.